• понеделник, 23 декември 2024

Регионални фудбалски судии на семинар во Скопје учат дека „не трчаат само за да истрчаат, туку да донесат правилна одлука“

Регионални фудбалски судии на семинар во Скопје учат дека „не трчаат само за да истрчаат, туку да донесат правилна одлука“
Скопје, 26 јуни 2022 (МИА) - Десет држави од регионот претставувани со по две судиски тројки, една машка и една женска судиска тројка, се дел од првиот регионален фитнес судиски семинар во организација на Фудбалската федерација на Македонија. На судискиот камп кој во оваа форма се организира за прв пат воопшто во Европа, покрај од земјава, присуствуваат интернационални судии од Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија, Црна Гора, Косово, Романија, Бугарија и Албанија. Претседателот на Судиската организација на ФФМ, Димитар Мечкаровски, вели дека за разлика од претходните години, во судењето кај нас се гледа многу голем напредок. - За нас, како Фудбалска федерација, претставува гордост што сме првите организатори на ваков тип, што не е под покровителство на УЕФА, туку ние сме организаторите, во цела Европа први што го прават ова нешто, рече тој. Сашо Даневски, фитнес тренерот на националните судии на државава, се согласува дека фитнес подготовката на нашите судии е на одлично ниво и споделува дека на семинарот најмногу ќе се посветат на високоинтензивна работа. - Ќе симулираме ситуации од натпревари, бидејќи секогаш треба да бидат подготвени за најлошите ситуации кои може да се случат на терен. Ова е одлична прилика да создадеме услови за многу такви ситуации, да може да се преиспитаат себе си при донесувањето на одлука, меѓутоа, да им дадеме и многу други нови предизвици кои би ги доживеале во иднина, рече тој. Ивана Пројковска, македонска судијка која од неодамна е во елитната група на судии на УЕФА, вели дека за разлика од сите останати семинари кои досега ги имале, кои, како што вели „беа малку постресни бидејќи имаше најразлични полагања“ овој, како што рече, „ќе биде малку поопуштен, па се надеваме дека и другарувањето и пријателството ќе останат и за понатака“. - Многу сум среќна бидејќи сме повикани и мажи и жени, бидејќи бараме рамноправност и сакаме да покажеме колку ние можеме и колку вредиме, и дека сме на исто ниво со машките. Така што мислам дека ова е многу добар знак дека фитнес нивото на подготвеност на жените е исто како и на мажите, без разлика дали судиме во прва, втора, или останатите лиги, сите судијки се доволно спремни и на ниво на машките судии, вели Пројковска. Вернер Хелсен, главниот фитнес тренерот за судии на УЕФА со МИА сподели дека веќе бил импресиониран од неговата посета тука пред десет месеци, затоа што професионалниот пристап, како што рече „беше навистина уникатен“, и сега, посочи, „гледам дека не само што ја имаме Северна Македонија, туку и сите Балкански земји во оваа регионална работилница и е фантастично“. - Имам високи очекувања, особено затоа што познавам голем дел од луѓето тука. И би сакал особено да се фокусирам на интеграцијата на перцепцијата и донесувањето одлуки во контекст на физичката работа, и затоа судиите и асистентите трчаат не само да истрчаат, туку и да донесат одлука затоа мора да се на вистинската позиција, и токму таму ќе се фокусираме, рече Хелсен. Очекувањата на судиите се исти, нови знаења, искуства и нови пријателства МИА разговараше со дел од присутните судии од кои го изразија своето задоволство што се тука и посочија дека нивните очекувања се да стекнат нови знаења, искуство како и нови пријателства. Марјан Дејаноски, македонски перспективен судија, истакна дека вакви и слични семинари за младите судии се од големо значење. - Во процесот на постанување сите се стремиме да станеме нешто најдобро, да го достигнеме врвот во судиската кариера и токму со вакви и слични проекти можеме тоа да го постигнеме. Преку размена на искуства, со колеги од, еве, тука се присутни десет држави, и верувајте дека секое едно искуство кое доаѓа од надвор за нас е од големо значење, рече тој. На него се надоврза Лука Билбија, судија од Босна и Херцеговина, за кого овој семинар претставува пред сè едно ново искуство. - Јас првпат присуствувам на ваков семинар. Вообичаено тоа се семинари поврзани со Правилата на фудбалска игра, но, се надевам дека овој семинар ќе дојде добро во иднина што се однесува до менталната подготовка во судењето, изјави Билбија. За неговата сонародничка, Мерима Челик, овој е шанса да ги запознае своите колеги асистенти и судии од регионот. - Моите очекувања се да стекнам нови знаења, да ги запознам другите, да стекнам нови искуства и да се вратам во Сараево и тоа да го пренесам на другите колеги, рече таа. Судиите Милош Милановиќ и Јелена Цветковиќ од Србија сметаат дека е добро што се организира ваков семинар, затоа што, според нив, истиот ќе придонесе кон развојот на судењето во регионот. Физичка подготвеност или теоретска поткрепеност, според судиите, на теренот се важни и двете Тренерот Сашо Даневски смета дека за да се биде добар судија важна е и физичката и теоретската подготовка. - Јас би рекол дека и двата сегменти се многу важни. Дел од судиите размислуваат дека е важно само да трчаат, меѓутоа не е само да трчаат, на крајот од секој спринт, при секоја ситуација во мечот, треба да донесат и правилна одлука. Така што, фокусот треба комплетно да се стави на тие два елементи, додава Даневски. Дејаноски, исто така, вели дека комбинација од физичка и психичка подготвеност е клуч на успехот. - Бидејќи колку и да сте подготвени физички, без разлика, сепак она што е одлучувачки факт во нашата професија е психата. Колку си психички постабилен, психички поподготвен да се носиш посоодветно со сите одлуки и настани што настануваат на терен, и нормално, брзо размислување може да биде од големо значење, особено кога станува збор за некоја клучна одлука на самиот натпревар, која на крајот може да го реши натпреварот, вели Дејаноски. Според Билбија, во модерното судење, покрај физичката е важна и психичката подготовка на судиите, со цел тие на адекватен начин да одговорат на сè што бара судењето. Со него се согласува и Челик, која вели дека за да бидеш комплетен судија, мораш да ги имаш сите три работи, психичка и физичка подготвеност, како и теоретско знаење. Судиите на овој семинар, преку практични вежби се запознаа со најновите програми и потреби за натпреварувањата во рамки на УЕФА и изразија желба оваа иницијатива да прерасне во традиција. https://www.youtube.com/watch?v=cNdpFBPgGyE Ангела Рајчевска Видео: Срѓан Крстиќ Фото: Фросина Насковиќ

Остани поврзан