• понеделник, 23 декември 2024

Регионална конференција на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција

Регионална конференција на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција

Скопје, 22 септември 2023 (МИА) - Втора регионална конференција на Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција ќе се одржи денеска во Скопје, на тема „Зајакнување на жените и младите во борбата против корупцијата и во вградувањето на европските фундаментални права и вредности во регионот“.

Форумот на жени лидери од ЈИЕ за добро владеење и антикорупција беше формиран во март годинава, на иницијатива на вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска, а со поддршка на Канцеларијата на UN Women во Северна Македонија.

Како што соопшти прес-службата на Владата, на настанот ќе биде промовирана новата публикација на UN Women - „Родот и корупцијата“ и ќе има три тематски панел-дискусии, на кои ќе учествуваат еминентни личности од земјава и регионот: Првите две дискусии ќе ги модерира вицепремиерката  Грковска, а третата ќе ја води министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска.

На првиот панел „Жени во правосудството - осврт на корупцијата во правосудниот систем“ ќе учествуваат: Мирјана Лазарова-Трајковска, судијка во Врховниот суд на Северна Македонија и поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права, Ина Рама, судијка во Специјалниот апелациски совет при Уставниот суд на Република Албанија, Ленче Ристовска, јавна обвинителка и прв обвинител за врска на Република Северна Македонија со Eurojust - Агенција на ЕУ за соработка во областа на кривичното право, Бојана Савовиќ, заменик-обвинителка во Вишото јавно обвинителство во Белград, и Јелена Перовиќ, директорка на Агенцијата за спречување на корупција на Црна Гора.

На вториот панел „Негување на интегритетот: Искоренување на корупцијата во и преку образованието“, ќе учествуваат: Далиборка Улјаревиќ, извршна директорка на Центарот за граѓанско образование од Црна Гора, Наим Рашити, извршен директор на Балканската група за истражување политики од Косово, Владимир Георгиевски, претставник на Канцеларијата за регионална младинска соработка-RYCO, Анита Николовска, извршна директорка на младинската организација „Младите можат“ и Ардита Секнај, генерална секретарка на Меѓународната стопанска комора на Албанија.

Панелистки на третиот панел „Разоткривање на корупцијата преку родова призма: Истражување на пресекот на родовата (не)еднаквост и социјалниот интегритет“ ќе бидат: Весна Ивановиќ-Кастаред, раководителка на Канцеларијата на UN Women за Северна Македонија, Лаура Албу, претседателка на Романската платформа на Европското женско лоби и членка на ГРЕВИО, Десислава Готскова, раководителка на секретаријатот на Регионалната антикорупциска иницијатива РАИ и Наташа Новаковиќ, поранешна претседателка на Комисијата за спречување конфликт на интереси во Хрватска. хс/аа/

Фото: Влада на Република Северна Македонија

Остани поврзан