• сабота, 21 декември 2024

Реакција на Зелен хуман град за одлуките на Советот на Град Скопје за Зоолошка градина

Реакција на Зелен хуман град за одлуките на Советот на Град Скопје за Зоолошка градина

Скопје, 31 октомври 2024

Советот на Скопје нема капацитет да носи етички одлуки ни во корист на луѓето ни во корист на животните

Со неколку исклучоци – советниците од ЗХГ, ЛДП и еден од четирите од Левица – Советот на Град Скопје ја отфрли нашата иницијатива за мораториум на внес на нови животни во ЗОО Скопје, односно гласаше како да заседава пред 100 години, а не на прагот на 2025 година.

Во излагањата на советниците кои се противеа, евидентни беа целосното отсуство на емпатија кон животните, комплетната дисоцираност од нивното очигледно страдање и загрижувачката неможност да се разбере дека животните НЕ постојат за да му служат на човекот за евтина забава.

ЗХГ одамна предлага конкретни решенија за ЗОО Скопје кои ќе бидат во корист на сите: и вработените и посетителите и децата и животните. Еве како во само 4 чекори приказната на ЗОО Скопје може да има позитивен исход:
1)    Мораториум за внес на нови животни во зоолошката градина – со ова ќе се спречи понатамошно страдање на сите нови животни.
2)    Пренесување на сегашните животни од ЗОО Скопје во земји каде што имаат драстично подобри услови за живот и земји кои се природна средина за секој тип на животно.
3)    Претворање на зоолошката градина во институција за рехабилтација и вистинска конзервација на животни што живеат на територијата на Македонија – со ова ќе се зачуваат, а и зголемат работните места во институцијата.
4)    Користење на виртуелна реалност во дел од институцијата како центар за едукација и зближување на посетителите со секаков вид на животни без тие да страдаат.

Еден ден, не толку далеку од денес, некои од децата и внуците на денешните советници ќе се срамат од начинот на кој тие гласале. А до тогаш, претстојниов викенд е полесно да се однесат децата во затвор за животни, отколку да се отиде со нив во природа и да се учат за животните кои живеат слободно во склад со сопствените потреби.

Граѓанска иницијатива ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД

__________________________________________________________

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

Остани поврзан