• недела, 22 декември 2024

Реакција на бугарското Министерство за надворешни работи за одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев

Реакција на бугарското Министерство за надворешни работи за одбележувањето на раѓањето на Гоце Делчев

Скопје, 4 февруари 2023 (МИА) – Бугарското Министерство за надворешни работи попладнево излезе со реакција за денешното одбележување на годишнината од раѓањето на Гоце Делчев.

Во соопштението објавено на нивната веб – страна се посочува дека денешното одбележување на 151 – годишнина од раѓањето на Делчев не придонесе за унапредување на добрососедските односи и дека ќе биде забележано оти македонските власти не им дозволиле на бугарски граѓани да му одадат почит на великанот.   

-Во периодот по 1991 година, Република Бугарија постојано покажува искрена желба за развивање на добрососедски односи со Република Северна Македонија. По потпишувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка во 2017 година, беше воспоставена практика за заедничко одбележување на историските личности од нашата заедничка историја, како што без сомнение е и Георги (Гоце) Николов Делчев, се посочува во соопштението.  

За жал, као што се наведува, одбележувањето на 151-годишнината од неговото раѓање не придонесе за надоградување на билатералните односи помеѓу Софија и Скопје.

-Со длабоко жалење констатираме дека 04.02.2023 година ќе влезе во историјата како датум на кој властите во Северна Македонија, со крајно неубедливи причини и со прекршување на уверувањата дадени однапред, не им дозволија на бугарските граѓани да му оддадат почит на делото и животот на Делчев. Министерството за надворешни работи го дефинира денешното однесување на владата во Северна Македонија како понижувачко и неприфатливо кон бугарскиот народ и Република Бугарија, се вели во соопштението.

Ваквите дејствија, како што стои, Софија ги оценува како неисполнување на обврската да се обезбеди непречен пристап за сите добронамерни граѓани кои сакаат да му одадат почит на големиот револуционер.

-Ова, заедно со несакањето делегациите на Бугарија и Северна Македонија заеднички да положат венец, претставува отстапување од воспоставените добри практики и ги поткопува напорите на Република Бугарија со цел зајакнување на добрососедството. Денес, дејствата на властите во Северна Македонија нанесоа сериозна штета на процесот на враќање на довербата, и покрај напорите на премиерот Галаб Донев, кој во сложена ситуација иницира процес на деескалација и вицепремиерот за јавен ред и безбедност и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев, кој го посети Скопје токму за таа цел на 30 јануари оваа година, како и неговата посета денес, се наведува во соопштението. 

Според информацијата со која располага бугарското Министерството за надворешни работи досега е дека на граничните премини од македонска страна на бугарските граѓани со часови не им се дозволувал влез на територијата на Северна Македонија поради аргументи од техничка природа. Потоа, како што се наведува, некои од бугарските граѓани добиле официјални одбивања да влезат на територијата на Северна Македонија, додека други се вратиле поради долгите часови на чекање.

-. Меѓу оние кои се погодени од овие рестриктивни мерки има и новинари, за кои основата била „закана за јавниот ред, националната безбедност, јавното здравје или за меѓународните односи на Република Северна Македонија", наведуваат од бугарското МНР. 

Оттаму посочуваат и дека има информации за насилство од страна на граничните власти на Северна Македонија и оти истовремено, во Скопје бил направен „исклучително изненадувачки, но неуспешен обид за ограничување на бројот на лицата во бугарската официјална делегација за време на нејзиното обожување во црквата Св. Спас“.

Бугарскиот министер за надворешни работи разговарал со амбасадорката на Северна Македонија во Софија Агнеса Руси со барање за враќање на слободата на движење.

-Истото прашање повеќе пати беше покренато во Скопје од страна на вицепремиерот и министер за внатрешни работи Иван Демерџиев. Уште еднаш констатиравме дека изјавите и уверувањата што ги добивме од претставниците на властите во Северна Македонија не одговараа на ситуацијата на терен. Овој пристап на никаков начин не придонесува за конструктивен и добронамерен дијалог, посочуваат од бугарското МНР. 

Во врска со информациите за уапсените бугарски државјани, Амбасадата на Република Бугарија во Скопје официјално се обратила до локалните власти со барање за дополнителни информации, иако ваквите информации, како што се посочува во соопштението, требало веднаш да бидат испратени од страна на властите. 

-Тие се очекува да бидат обвинети по итна постапка постапка, наведуваат од бугарското МНР. 

Министерството за надворешни работи во Софија апелира до бугарски граѓани кои писмено биле одбиени да влезат на територијата на Северна Македонија да го информираат Министерството со цел да ги преземе потребните дејства преку дипломатски канали и да ги информираат меѓународни партнери. 

-Ве потсетуваме дека слободното движење на луѓето е еден од основните принципи на функционирањето на ЕУ. Покрај тоа, ова е конкретна мерка за зајакнување на добрососедски односи. Ако е потребно, Бугарија е подготвена да обезбеди техничка помош за да се обезбеди непречено функционирање на граничниот контролен пункт. Најмалку двајца искрени партнери се потребни за воспоставување добрососедски односи. Се потешко е во однесувањето на властите во Скопје да се препознае вистинска желба за градење на потребната доверба, пријателство и соработка, се посочува во денешната реакција на бугарското МНР за чествувањето на роденото на Гоце Делчев. ев/



Остани поврзан