• понеделник, 23 декември 2024

Реакции во Грција за првата молитва во Света Софија

Реакции во Грција за првата молитва во Света Софија
Атина, 24 јули 2020 (МИА) - Првата молитва во Света Софија, во Истанбул, што се одржа во присуство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, предизвика реакции во Грција, како од власта и опозицијата, така и од медиумите, јави дописничката на МИА од Атина. Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во неговата видео порака до граѓаните по повод 46-годишнината од враќањето на демократија во Грција, се осврна и на односите со Турција, коментирајќи дека со постапки како што е претворањето на Света Софија во џамија „ја навредува културата а 21-от век“. -Сето она што денеска се случува во Истанбул, не е манифестирање моќ, туку доказ на слабост. Јасно е дека она што се случува нема моќ да го засени сјајот на еден споменик од светското наследство. Но, оцрнети се универзалните вредности. Затоа потребна е и универзална осуда, порача грчкиот Премиер. За универзален културен карактер кој Грција, преку меѓународна кампања треба да го одбрани, говори портпаролот на СИРИЗА, Алексис Харицис, и вели дека денешната свеченост во Света Софија и тоа на годишнината од Лозанскиот договор е „националистичка провокација со длабоки елементи на авторитаризам“. - Света Софија им припаѓа на сите и требаше да остане симбол на верските слободи, сјајно обележје на соживотот и дијалогот против логиката на верската конкуренција или конфликтот на културите, вели Харицис во писмената изјава. Денешното и официјално претворање на Света Софија од споменик во џамија и манифестацијата во Истанбул е една од главните теми во грчките медиуми. Дел од телевизиите се вклучија во живо од Истанбул во моментите кога Ердоган пристигна во Света Софија, а коментарите на новинарите се дека станува збор за „провокација од Турција“, за „тажен и црн ден за христијанството“, за „сквернавење на споменик од светското културно наследство“ и сл. ср/сд/

Остани поврзан