• сабота, 23 ноември 2024

Раст на интересот за вакцинирање по зголемениот број случаи со голема кашлица, најавено двосменско работење и работа в сабота

Раст на интересот за вакцинирање по зголемениот број случаи со голема кашлица, најавено двосменско работење и работа в сабота

Скопје, 9 февруари 2024 (МИА) - Зголемен е интересот за вакцинирање по зголемениот број случаи со голема кашлица, а најавено е и двосменско работење и работа в сабота, информираа денеска во Вакциналниот пункт „Букурешт“ во Скопје.

Оттаму наведуваат дека по зголемениот број случаи со голема кашлица, од утрово зголемен е бројот на пациенти. Пред сѐ, пациенти - дечиња поголеми од три години, кои ги пропуштиле дозите од редовна вакцина, според календарот за вакцинација.

- Од утрово до 11 часот имавме околу 60 дечиња вакцинирано. Ако вообичаено бројките на дневно ниво ни се меѓу 20 и 30, денеска и тоа засега, бројката ни е двојно поголема. Тука е нели стравот на родителите, но и мерката за забрана во градинките за невакцинираните, изјави Сања Цилевска Младеновска, доктор педијатар.  

Доктор Бети Гелејчевска Илковска појасни дека пред да ги вакцинираат децата, родителите најчесто прашуваат зошто да се примаат вакцините во толку рана возраст, кој е производителот на вакцините, кои се несаканите реакции од примената вакцина.

Силвана Миркоска, главна сестра, информираше дека штотуку ги добиле насоките од Министерството за здравство, започнување со работа во две смени и работа во сабота. бд/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан