• вторник, 05 ноември 2024

Расправа за Дополнетиот предлог буџет за 2024, економскиот раст проектиран на 3,4 проценти, инфалацијата на 3,6

Расправа за Дополнетиот предлог буџет за 2024,  економскиот раст проектиран на 3,4 проценти,  инфалацијата на 3,6

Скопје, 22 декември 2023 (МИА) - Во Собранието денеска почна расправата по Дополнетиот предлог Буџет за 2024 година, кој се најде на пленарна седница откако заврши амандманската расправа на собраниската Комисија за финансирање и буџет.

Според ресорониот министер Фатмир Бесими, Предлог-буџетот води кон обезбедување услови за одржлив економски раст, продолжување на фискалната консолидација и зацврстување на фискалната одржливост. Како што посочи, ќе се обезбеди и таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и стопанството и за интензивирање на конвергенцијата на земјата кон ЕУ и спроведување на обврските кои произлегуваат од членството во НАТО.

 -Во 2024 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 3,4 проценти, во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и закрепнување на надворешната побарувачка, рече Бесими.

Најголем придонес кон растот во 2024 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со раст од 8,4 проценти, пред се, како резултат на интензивирањето на реализацијата на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата на коридорите 8 и 10, придружени со мерките и активностите за поголема реализација на капиталните инвестиции предвидени со Планот за забрзан економски раст.  Државната поддршка за унапредување на приватниот сектор и зајакнување на конкурентноста, иновативноста и технолошкиот развој на претпријатијата преку обезбедување на алтернативни извори и инструменти за финансирање, како и најавените инвестиции за проширување и изградба на нови капацитети во технолошко-индустриските развојни зони се очекува да придонесат кон раст на приватните инвестиции. Започнувањето на пристапниот процес кон ЕУ, според министерот, ќе ги зајакне реформските процеси во земјата ќе обезбеди зголемена поддршка за инвестиции со што дополнително ќе се унапреди довербата кај инвеститорите.

Се очекува понатамошен раст на потрошувачката, при раст и на приватната и на јавната потрошувачка. Приватната потрошувачка е предвидено да забележи реален раст од 3,1 процент во 2024 година, во услови на намалени инфлациски притисоци, натамошен реален раст на платите и вработеноста, раст на кредитирањето и одржување на солидно ниво на дознаките од странство. Се очекува умерен раст на јавната потрошувачка од еден процент.

Како резултат на мерките на Владата за намалување на цените на основните производи, според Бесими, до крајот на годината се очекува понатамошно намалување на инфлацијата и во просек да изнесува 9,2 проценти, а следната година да се стабилизира и да изнесува 3,6 проценти во услови на одржување на стабилно ниво на цените на енергенсите и храната на меѓународните пазари, како и понатамошно забавување на базичната инфлација.

Позитивните движења на пазарот на труд, според министерот, се очекува да продолжат следната година кога се очекува раст на бројот на вработени од два процента, што ќе резултира со дополнително намалување на стапката на невработеност наредната година. 

Предлог-буџетот за следната година тежи 5,5 милијарди евра. Вкупните приходи во 2024 година се планирани на ниво од 310,1 милијарди денари и истите се за 10 отсто повисоки во однос на 2023 година, додека расходите се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или за околу 5,8 проценти повисоки во однос на 2023 година. Вкупните расходи се планирани на ниво од 343,6 милијарди денари или се за 5,8 отсто повисоки во однос на 2023 година. За плати проектирани се 41,2 милијарди денари, за стоки и услуги планирани е износ од 25,3 милијарди денари, за тековни трансфери и субвенции 215,3 милијарди денари. За социјални трансфери проектирани се 161,1 милијарди денари, од кои за исплата на пензии 83,6 милијарди денари, за надоместоци за социјална заштита на најранливите слоеви на населението околу 13,2 милијарди денари. Растот на економијата е проектиран на ниво од 3,4 отсто, а инфлацијата на ниво до 3,6 отсто. бт/лв/

Фото: Принтскрин
 
 

Остани поврзан