• четврток, 11 јули 2024

Раната појава на ураганот Берил најава за немирна сезона

Раната појава на ураганот Берил најава за немирна сезона

Вашингтон, 10 јули 2024 (МИА) – Научниците предупредуваат дека раната појава на ураганот Берил е најава за многу немирна сезона. Најактивниот дел од сезоната на урагани во Атлантски Окен обично почнува до средината на август и врвот го достигнува во септември, но Берил, кој првично беше формиран кон крајот на јуни, се чини дека веќе ја започна сезоната.

- Берил го потврдува она за што размислувавме оваа сезона, дека со екстремно високите температури на водата што ги имаме во моментов, би можеле да видиме бури во средината на сезоната, порано од нормалното, изјави експертот за урагани и истражувач од Државниот универзитет во Колорадо, Фил Клоцбах.

Температурите на водата во Атлантски Океан повеќе од една година се на историскиот максимум, особено таму каде што потекнува Берил. Топлите океани се главната последица на глобалното затоплување поради загадувањето со фосилни горива, со што се поттикнуваат условите за тропските системи да бидат што е можно поексплозивни и деструктивни.

Според Клоцбах, Берил зајакна побрзо од која било друга бура во почетокот на сезоната, кога ветровите се зголемија за 100 километри на час за само 24 часа. Брзото интензивирање станува сè поверојатно како што се продлабочува климатската криза.

Ураганот ги искористи исклучително топлите води и на крајот се засили во најраниот ураган на Атлантикот од петта категорија. Најмалку 20 лица загинаа во невремето, по четворица сè уште се трага, а материјалната штета е голема.

- Оваа активност на почетокот на сезоната е веројатен предупредувачки знак дека работите ќе бидат многу загрижувачки како што се приближуваме до врвот на сезоната, предупреди Клоцбах.

Научниците предвидуваат дека сезоната на Атлантикот ќе има 25 бури, вклучувајќи 12 урагани, од кои половина ќе станат големи урагани од најмалку трета категорија.

- Кога ќе заврши паузата и кога ќе започне најактивниот дел од сезоната на урагани е прашањето од милион долари. Тропската активност би можела повторно да се засили подоцна во јули или да се задржи во август, во зависност од тоа како се одвиваат неколку атмосферски фактори во текот на следните неколку недели, посочи Клоцбах. ми/

фото. МИА архива

Остани поврзан