• понеделник, 23 декември 2024

Рама објави реконструкција на клучни места во  владиниот кабинет, нова претседателка на Парламентот ќе биде Спиропали

Рама објави реконструкција на клучни места во  владиниот кабинет, нова претседателка на Парламентот ќе биде Спиропали

Тирана, 28 јули 2024 (МИА) - Албанскиот премиер Еди Рама објави реконструкција на владиниот кабинет во четири клучни сектори, а кажа и кој ќе биде првиот парламентарец.

Од функцијата министер за внатрешни работи заминува Таулант Бала, а на негово место доаѓа Ервин Хоџа, генерален директор на Националниот инспекторат за заштита на територијата.

Бала ќе биде државен министер за односи со Парламентот, функција на која до сега беше Елиса Спиропали, која, пак, ќе биде нова претседателка на законодавниот дом, по повлекувањето пред два дена на Линдита Никола, поради здравствени причини.

Рама ја смени и потпретседателката на законодавниот дом, Ермонела Фелај, а на нејзино место доаѓа Бледи Чучи, кој беше координатор на пратеничката група  на Социјалистичката партија.

Координатор на пратеничката група ќе биде Нико Пелеши, актуелен министер за одбрана. По новата задача што ќе  ја преземе Пелеши, неговото место во Министерството за одбрана ќе го заземе Пиро Венгу, директор на пристаништето Драч.

Исто така, министер за финансии повеќе нема да биде Ервин Мете, туку Петрит Малај, извршен директор на Националната агенција за природни извори. 

Предлогот со имињата на новите министри Рама ќе го достави до шефот на државата Бајрам Бегај, со кого утрово имал средба.

Тој  треба да потпише уредба по што ќе бидат ставени на гласање  во Парламентот, а имајќи го предвид бројот на пратеници на владејачкото мнозинство, тоа ќе биде само формално. вт/паг/

 


 

 


 

 

 

Остани поврзан