• петок, 22 ноември 2024

Рама: Косово влегува во драматичен судир со евроатлантската заедница

Рама: Косово влегува во драматичен судир со евроатлантската заедница

Тирана, 13 јуни 2023 (МИА) – Косово влегува во драматичен судир со евроатлантската заедница, констатира албанскиот премиер Еди Рама на денешната прес-конференција, на која го најави и одложувањето на заедничката седница на владите на двете земји што требаше да се одржи утре.

- Имаме многу проблеми, бидејќи Албанија не е НЛО, не работи изолирано, а односот на Албанија со Косово е братски однос. Албанија е земја која е нераскинлив дел од евроатлантската заедница, членка на НАТО и нема шанси Албанија да се помести од оската на евроатлантската заедница, нагласи Рама.

Згора на тоа, продолжи Рама „ви кажав и претходно, ние не мислиме 99, туку 100 отсто идентично како што мислат нашите сојузници во овој случај“.

- Како што ви кажав дека кога некои од партнерите им рекоа на Албин и на косовските власти да не ги одржуваат изборите на север, јас бев 100 отсто со Албин и косовските власти дека изборите треба да се одржат, бидејќи бојкот на Србите не можеше да добие статус на фатален инструмент за Република Косово, дека не сакаме да учествуваме на избори и тие не може да се одржат, рече Рама, додавајќи дека, „во тој случај и јас дадов мој скромен придонес за да партнерите би разбрале дека не станува збор за лудило на Албин, туку за мене принципиелен и коректен став“.

Но денеска, нагласи Рама, „не го делиме мислењето за начинот на кој се постапува, и ние како држава сме 100 отсто против начинот на кој се постапува“.

- Односите на Албанија со евроатлантската заедница и позицијата што Албанија ја доби во оваа заедница, каде што денес е на највисоката точка во својата историја, никој и од која било причина не може да ги доведе во прашање, а уште помалку да ја доведе во прашање дискусија за ситуација во која на Косово му се заканува, од необјаснива причина, неуспех и погрешна стратешка процена, рече Рама. вт/ми/

фото: МИА архива

Остани поврзан