• недела, 22 декември 2024

Рама демантира дека се испазарил со „нон грата“ за договорот за нормализирање на работата во Парламентот

Рама демантира дека се испазарил со „нон грата“ за договорот за нормализирање на работата во Парламентот

Тирана, 13 март 2024 (МИА) - Премиерот Еди Рама првпат реагираше во врска со постигнатиот договор меѓу владејачкото мнозинството и опозициските пратеници од „Обновата на ДП“ за формирање анкетни комисии и враќање на парламентарниот живот во нормала.

Преку реакција на социјалните мрежи, тој ги отфрла обвинувањата кои договорот го окарактеризирале како „пазарење и соработка со „нон грата“ (Сали Бериша)“ нарекувајќи ги клевета.

Рама нагласува дека власта не може да го отфрли формирањето анкетни комисии доколку се направи во законски рамки.

„Сите идиоти отидоа на социјалните мрежи и канали за да кажат дека сме го проголтале тоа што сме го кажале и соработуваме со „нон грата“, бидејќи се согласивме според рамката што ја постави Уставниот суд да одобриме анкетни комисии во таа рамка“, напиша Рама.

„Ах, ако се предомислат тие што би го запалиле парламентот и сакаат да се вратат на работа, ниту можеме да ги спречиме, ниту сакаме да ги спречиме да размислуваат, напротив, драго ни е што тоа го прават. Тоа е се и ние сме тоа што бевме, каде бевме, со истите ставови што ги имавме, не затоа што не е во ред да се менува став, туку затоа што нема што да се смени во нашиот став“, додаде тој.

Осврнувајќи се на Комисијата за изборни реформи, Рама посочува дека доколку не успее пред истекот на рокот и доколку СП ги нема гласовите за измени на Изборниот законик, изборите ќе се одржат со сегашниот закон.

Вчера владејачките социјалисти и опозициските демократи, приврзаници на Сали Бериша, постигнаа договор, со кој се очекува да се стави крај на хаосот во законодавниот дом, што го создаваа демократите од октомври минатата година.

На средбата социјалистите се согласиле со барањето на опозицијата да се формираат две анкетни комисии, за испитување на концесиските договори во здравството и за незаконската интервенција во ТИМС системот. Опозициските пратеници се согласиле да се повлечат од граѓанска непослушност во Собранието.

Постигнатиот договор веднаш го поздравја Делегацијата на ЕУ и американската амбасада во Тирана. вт/сд/

 

Фото: архива (Рама ФБ)

Остани поврзан