Ракометарката Ивана Арсениевска спортист на годината во Делчево
- Наградата „Спортист на годината“ ја доби ракометарката Ивана Арсениевска, како потврда за нејзиниот успех, дисциплина и спортски дух, со што се издвои како најуспешен спортски претставник на градот во изминатата година.
Делчево, 29 декември 2025 (МИА) – Во Делчево вечерва беше организиран настанот „Спортист на годината“, на кој беа доделени признанија за најдобрите спортисти и спортски клубови од градот, како признание за нивната посветеност, труд и постигнати резултати.
Наградата „Спортист на годината“ ја доби ракометарката Ивана Арсениевска, како потврда за нејзиниот успех, дисциплина и спортски дух, со што се издвои како најуспешен спортски претставник на градот во изминатата година.
Градоначалникот Иван Гоцевски истакна дека настанот претставува значаен чекор во афирмацијата на спортот во Делчево и поддршка за сите оние кои со својата работа го претставуваат градот на најдобар можен начин.
– За мене претставуваше огромно задоволство и чест лично да ги доделам овие признанија и да им оддадам признание на оние кои со својата посветеност, труд и резултати се вистинска гордост на Делчево, рече Гоцевски.
Гоцевски упати честитки и искрена благодарност до сите спортисти, тренери и спортски работници кои, како што нагласи, секојдневно го афирмираат спортот и придонесуваат Делчево да биде препознатливо на спортската мапа.
Особено охрабрувачки, според него, е фактот што на настанот присуствуваа и најмладите спортисти, кои се доказ дека спортот во Делчево има иднина и дополнителен мотив за понатамошни инвестиции во спортската инфраструктура и развој.
– Присуството на младите е инспирација и обврска да продолжиме уште посилно да инвестираме во спортот – порача Гоцевски на крај од настанот. вс/лв/
фото: МИА
Фото: МИА