• понеделник, 23 декември 2024

Раководството на Демократскиот сојуз на Косово избира кандидат за нов премиер

Раководството на Демократскиот сојуз на Косово избира кандидат за нов премиер
Приштина, 23 април 2020 (МИА) - Лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа свика седница на партиското Претседателство, на која треба да се избере кандидат за формирање нова Влада на Косово, јави дописникот на МИА од Приштина. Претседателот на Косово Хашим Тачи вчера ги повика косовските парламентарни партии на консултации во врска со формирањето нова влада, откако пред еден месец Собранието му изгласа недоверба на кабинетот воден од лидерот на Движењето самоопределување (ВВ) Албин Курти. Со оглед дека Курти и ВВ, како партија победничка на изборите од октомври минатата година, не одговорија на повторените барања да именуваат кандидат за мандатар, Тачи објави дека мандатот ќе му го додели на оној парламентарен субјект кој ќе го обезбеди потребното мнозинство за да формира влада. ЛДК на Мустафа веќе оствари разговори со опозициските Алијанса за иднината на Косово (ААК) на Рамуш Харадинај и Социјалдемократската иницијатива (Нисма) на Фатмир Лимај и објави дека, заедно со нив и со партиите на немнозинските етнички заедници, може да ја формира идната влада. Партискиот лидер Мустафа изјави дека нема да прифати да биде нов мандатар, а како идни премиери се споменуваат имињата на членовите на раководството на ЛДК Авдулах Хоти, Љутфи Хазири и Кујтим Шаља. Седницата на Претседателството на ЛДК, на која не присуствува партиската потпретседателка, парламентрната спикерка Вјоса Османи, која од самиот почеток се противи на уривањето на владата на Курти, се одржува во централното партиско седиште во Приштина. Се очекува дека претседателот ќе му го додели мандатот на ЛДК за формирањае нова влада во текот на денешниот ден. ВВ тврди дека нова влада во ваква ситуација може да се формира единствено по вонредни парламентарни избори, кои треба да се одржат откако ќе помине епидемијата на Ковид-19. Курти синоќ најави дека доделувањето на мандатот на друга партија ќе го оспори пред Уставниот суд на Косово. иа/ми/

Остани поврзан