• вторник, 24 декември 2024

Разговор со Жарко Кујунџиски како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“

Разговор со Жарко Кујунџиски како дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“
Скопје, 5 септември 2022 (МИА) - Во спомен-собата на Миладиновци во ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, вечерва ќе биде одржан разговор со Жарко Кујунџиски, автор на „Сфинга на гневот“. Разговорот и книгата на месецот се дел од големата кампања „Читаме современи македонски автори“, што Библиотеката ја најави на први септември, а ќе трае до јуни следната година. „Сфинга на гневот“ е национален кандидат за престижната меѓународна награда „Балканика“ за 2021 година. Станува збор за интригантен и вешто смислен роман, жанровски и стилски палимпсест, со кој Кујунџиски пристапува во досега неистражени предели на нашата проза. Книгата, во издание на „Антолог“ се движи меѓу границите на мистеријата и книжевниот трилер и досега има две изданија. Жарко Кујунџиски е романсиер, есеист, драмски автор, преведувач и издавач. Автор е на 11 книги. Негови дела се преведени на англиски, српски, хрватски, словенечки, полски, германски, турски, бугарски, италијански, украински и на албански јазик. Застапен е во повеќе антологии на македонската проза и поезија. Неговиот расказ „Кога се губат очилата“ е дел од реномираната антологија The Best European Fiction 2013. „Сфинга на гневот“ е негов петти роман. Разговорот со Кујунџиски ќе го води книжевната критичарка Александра Јуруковска, а фрагменти од романот ќе чита актерот Андреј Серафимовски. Кампањата „Читаме современи македонски автори“ има за цел да ги доближи делата од современите домашни автори до што повеќе читатели. Секој месец, Библиотеката ќе предлага книга од различен автор, по што ќе следува разговор со него, а месецот ќе биде заокружен со неформална расправа за делото во т.н Клуб на читатели. Тимот на ЈУ Градска библиотека „Браќа Миладиновци“ верува дека во овој специфичен општествено-културен контекст поддршката на македонските автори е многу значајна затоа што е поддршка и на македонските издавачи, но и на македонскиот јазик. дма/са/

Остани поврзан