• понеделник, 23 декември 2024

Развојната банка ги презентираше кредитните линии пред членките на Стопанската комора

Развојната банка ги презентираше кредитните линии пред членките на Стопанската комора
Скопје, 25 ноември 2022 (МИА) - Пред 40-тина компании членки на Стопанската комора на Северна Македонија беа презентирани актуелните кредитни линии на Развојната банка на Северна Македонија. На презентацијата, што се одржа вчера, присуствуваа главниот извршен директор на Развојната банка Кире Наумов и главниот оперативен директор Фарук Исмаили. - Презентирањето на актуелните кредитни линии и производи од страна на стручните служби на Развојна банка беше проследено со голем интерес од страна на компаниите. Тие беа детално запознаени со можностите за искористување на производите на банката, кои би им овозможиле полесен пристап за финансирање, информираа денеска од Развојната банка. Наумов посочи дека основната цел на Развојната банка е понуда на кредити коишто се пониски од деловните банки. - По својата дефиниција работиме за да им помогнеме на малите и средни претпријатија. Ги следиме барањата на стопанството, го поддржуваме нивниот развој, но во овие услови на криза, претходно ковид пандемијата, сега енергетската криза, помагаме во задржување на нивната ликвидност, истакна Наумов. Тој посочи дека активата на банката бележи раст во изминатиот период, односно е зголемена од 168 милиони евра на крајот на 2019 година на 267 милиони евра во првата половина од 2022 година. Развојната банка, како што се посочува во соопштението, континуирано го зголемува своето учество во вкупните бруто кредити пласирани кон нефинансиските друштва од страна на банкарскиот сектор, така што заклучно со 30 септември годинава,  7,3 проценти од бруто кредитите се од средства на РБСМ. Развојната банка во периодот 2020-2022 година воведе бескаматните КОВИД кредитни линии за поддршка на компаниите преку кои се поддржани 4.134 компании во износ од 45 милиони евра, кредитни линии за поддршка на компаниите за справување со енергетската криза во износ од 25 милиони евра, субвенционирање на камата по кредити дадени од деловните банки кои ја реинвестирале добивката, во износ од 2 милиони евра, средствата од ЕИБ 5 и ЕИБ 6 кредитните линии во износ од 150 милиони евра за поддршка на 458 проекти.... бак/сп/

Остани поврзан