Директорот на БЈБ во посета на СВР Велес
- Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, работните средби биле фокусирани на унапредување на сообраќајната и општата безбедност во државата и регионот Велес, со посебен аналитички осврт во делот на тековните состојби во безбедноста на сообраќајот, при што биле предложени низа конкретни насоки за поефикасна акција.
Скоје, 18 јуни 2025 (МИА) – Директорот на Бирото за јавна безбедност Александар Јанев, денеска во СВР Велес имал серија работни состаноци со раководството на овој Сектор за внатрешни работи, како и со претставници и одговорни лица од релевантните институции од областа на безбедноста во сообраќајот.
Како што соопштуваат од Министерството за внатрешни работи, работните средби биле фокусирани на унапредување на сообраќајната и општата безбедност во државата и регионот на Велес, со аналитички осврт во делот на тековните состојби во безбедноста на сообраќајот, при што биле предложени низа конкретни насоки за поефикасна акција.
Јанев се осврнал на состојбата на патиштата ширум земјава, оценувајќи ја како сериозна, со сѐ позачестени тешки сообраќајни незгоди, дел од нив и со загубени човечки животи. Посочил дека покрај потребата од засилена меѓуинституционална координација, неопходно е засилување на секојдневната реакција на терен.
Според Јанев, суштинско е почитувањето на сообраќајните правила и прописи да стане културна и етичка матрица на поведение, како во интерес на личната безбедност, така и во интерес на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

На средбите, меѓу другото, било најавено дека полициските мотоцикли ќе бидат застапени со дополнително зголемено присуство на терен.
Во рамки на напорите за зголемување на ефикасноста, од МВР велат дека се користат најсовремените алатки и уреди на Интерпол за откривање на возила кои се предмет на меѓународна потрага.
– Овие современи алатки ни овозможуваат да бидеме чекор понапред пред криминалот. Ова е дел од нов пристап, каде што секој систем, секој ресурс и секој човек е ставен во функција на заштита на граѓаните, истакнал Јанев.
Тема на денешните средби била и општата безбедносна сотојба на регионално ниво како во поглед на јавниот ред и мир, така и во делот на криминалитетот и насилството меѓу младите, односно врсничкото насилство и улогата на полицијата во заедницата.

Во тој контекст, Јанев остварил средба и со градоначалникот на Општина Велес, Марко Колев, на која, како што стои во соопштението на МВР, заеднички биле договорени конкретни чекори за подобра координација меѓу општинските и државните институции, со фокус на превенцијата, сообраќајната инфраструктура, општинската инфраструктура и јавната безбедност. ра/бак/
Фото: МВР