• петок, 22 ноември 2024

Работниците од „Комунална хигиена“ при ЈКП Тетово почнаа штрајк поради неисплатени плати

Работниците од „Комунална хигиена“ при ЈКП Тетово почнаа штрајк поради неисплатени плати

Тетово, 28 ноември 2023 (МИА) - Работниците во Јавното комунално претпријатие „Тетово“ – работната единицата „Комунална хигиена“, денеска почнаа штрајк поради неисплатени повеќе плати и немање здравствено осигурување. Работниците од прва смена, како и дел од другите смени, се собраа пред просториите на „Комунална хигиена“ и не отидоа на терен за да го собираат сметот од контејнерите.

 - Се собравме денеска поради тоа што ни доцнат плати и немаме здравствено осигурување. Пред 40 дена сме зеле плата, а ни должат вкупно три или четири плати, зависи од работникот. Здравствено осигурување немаме веќе четири, пет месеци, одиме приватно, кој има пари ќе се лекува, кој нема ништо. Додека не дадат плата нема да се работи, изјави работникот Кочо Трпевски.

Работниците се револтирани и велат дека нема да го собираат сметот, без разлика колку ќе се собере.

- Да ни се пуштат платите, три плати ни доцнат, ако не пуштат плата нема да излеземе на терен. Ќе седиме и ние три месеци, пет месеци. Не е ова прв пат. Секој месец се зајмуваме. Има над 120 работници. Ако нема плата нема собирање на сметот, нека биде што сака, до Бог нека се собере сметот. Секој месец вака. Само во Тетово е вака. Оди во Гостивар, Струга, каде што сакаш, имаат плати, само кај нас нема пари. Како може тоа, вели Нусрет Бајрами.

На почетокот на ноември општина Тетово потпиша договор со претставници на словенечката компанија од групацијата Саубермахер за јавно приватно партнерство со кој на фирмата и се отстапува стопанисувањето со отпадот. Според најавите од општината преземањето на комунална хигиена треба да биде од 1 јануари 2024 година.

- Од сега Тетово има еден проблем помалку, рече Касами по потпишувањето.

Претставници на групацијата Саубермахер истакнаа дека имаат речиси три децениско искуство во менаџирање со отпадот во дваесетина градови во повеќе земји. Вработените ќе бидат преземени од нивната компанијата.

- Тоа може ќе биде подобро, ама моментално не знаеме ништо. Тоа е во иднина. Бараме да ни исплатат заостанатите плати и што имаме проблем со осигурување на време. Не е работа секој месец да се собираме за да добиеме плати. Да се расчистат овие три месеци. После нека дојде словенечка фирма. Не сум јас крив, пак ќе работиме, платата да ни се пушти за три месеци, изјави Нусрет Бајрами.

Од Општина Тетово денеска информираа дека ќе имаат состанок со работниците за надминување на проблемот.

И во декември 2022 работниците на Комунална хигиена штрајкуваат и не работеа поради доцнењето на платите. Тогаш Општина Тетово префрли пари на сметка на комунално претпријатие за да се исплатат неисплатените плати и придонеси. ас/ сан/

 

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан