• петок, 22 ноември 2024

Работилници за уметничка терапија „Длабинско цртање“ во Јуроп Хаус во Скопје, Струмица и Битола

Работилници за уметничка терапија „Длабинско цртање“ во Јуроп Хаус во Скопје, Струмица и Битола

Скопје, 8 април 2024 

Како дел од неодамна отворената мултимедијална изложба во резиденцијата на ЕУ посветена на состојбите со менталното здравје, насловена како „Одејќи по тенки линии“, мрежата на Јуроп Хаус во Северна Македонија минатата недела организираше две работилници и една интерактивна презентација на српскиот уметник Горан Стојчетовиќ за неговата уникатна техника за уметничка терапија наречена „Длабинско цртање“.

Станува збор за техника во која оние кои ја практикуваат преку цртање дознаваат повеќе за нивниот карактер, однесување, внатрешен свет, тензии и моментално расположение. Покрај тоа што имаат корист од ослободувачкиот ефект на процесот на цртање и од зајакнувањето на нивниот креативен потенцијал, тие исто така стекнуваат пофлексибилен пристап кон животот и се способни да ги препознаат потсвесните визуелни системи кои во голема мера влијаат на квалитетот, ставовите и одлучувањето во нивниот секојдневен живот.

Стојчетовиќ веќе неколку години ја практикува оваа техника со тим психолози и психијатри на Психијатриската клиника при Воено-медицинската академија во Белград, и за дијагностички и терапевтски цели.

На едукативната работилница во Јуроп Хаус-Скопје, Стојчетовиќ работеше со група психотерапевти, педагози и уметници, за да можат да ја користат техниката во нивната секојдневна работа. Во Јуроп Хаус-Струмица, Стојчетовиќ и психијатарот Милијана Кацарска ја претставија суштината на техниката пред група млади луѓе од две средни училишта како и волонтери на Црвениот крст Струмица. Во Јуроп Хаус-Битола, на работилницата за Длабинско цртање учествуваа млади од Ресен, Крушево, Битола, Кавадарци, Демир Хисар, Могила и Прилеп како и стручни лица од Психијатриската болница Демир Хисар.

Овие работилници, заедно со претстојните со уметникот Тони Попов во Јуроп Хаус во Велес (26 април) и Јуроп Хаус во Струга (23 мај) и работилницата за цијанотип со Иван Алушевски во Јуроп Хаус во Крива Паланка (19 април) ја надополнуваат тековната изложба во Резиденцијата на ЕУ, која прикажува уметнички дела од уметници и од Психијатриската болница во Демир Хисар, како и интерактивен перформанс (повеќе информации, вклучително и линк за резервација на посета, на: https://www.eeas.europa.eu/delegations/north-macedonia/multimedia-exhibition-eu-residence-sheds-light-mental-health-issues-%E2%80%93-and-calls-openness-without_en?s=229). Целта на оваа активност на Делегацијата на ЕУ е да поттикне поголема јавна дебата за проблемите со менталното здравје преку отворено говорење за нив – дома и јавно, со што ќе се подигне јавната свест и ќе се помогне во надминување на традиционалните предрасуди што ги опкружуваат.

Делегација на Европската унија

______________________________________________________________________________________ 

МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.

фото Делегација на Европската унија

Остани поврзан