Работилници за производствена цена на грозјето одржани во Кавадарци и Неготино
- Производствената цена за килограм грозје треба да ја објави МЗШВ до 15 јули.

Кавадарци, 8 април 2025 (МИА) - Работилници за утврдување на производствена цена на килограм грозје беа одржани вечерва во Кавадарци и Неготино. Во присуство на лозари од најголемиот лозаровинарски регион во државата, беше претставена методологијата на формирањето на производната цена за килограм грозје од страна на стручните служби на Земјоделски институт при Универзитет ,,Свети Кирил и Методиј".
-Ќе се одржат повеќе вакви работилници со лозари низ државата, присутните лозари за прв пат имаат можност да учествуваат во формирањето на производната цена на килограм грозје. Убаво е на ваквите средби да имаме што е можно повеќе лозари, да дадат свој допринос при формирањето на производната цена на килограм грозје, рекоа претставниците од Институтот за МИА.
Тие подвлекоа дека колку пореални ќе бидат податоците што ќе ги дадат лозарите во анкетните прашалници, толку пореална ќе биде утврдената производствена цена за килограм грозје од најзастапените сорти „вранец" и „смедеревка".
Производствената цена за килограм грозје треба да се објави до 15 јули од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство согласно законот. свд/мч/
Фото: МИА