Работилници за изработка на стратегии за млади и за унапредување на здравствена заштита на Куманово
- Во организација на Центарот за ромска заедница ДРОМ со поддршка на општина Куманово се одржа втора работилница за изработка на локална стратегија за млади на Општина Куманово за периодот 2026 – 2030.
Куманово, 17 декември 2025 (МИА) - Во организација на Центарот за ромска заедница ДРОМ со поддршка на општина Куманово се одржа втора работилница за изработка на локална стратегија за млади на Општина Куманово за периодот 2026 – 2030.

-Преку презентации и отворена дискусија, учесниците на втората работилница, дадоа конкретни предлози и сугестии за унапредување на стратешките цели, мерки и активности, со цел документите да бидат реални, применливи и усогласени со потребите на заедницата. Процесот на изработка на овие стратешки документи претставува важен чекор кон креирање на инклузивни и одржливи политики, насочени кон подобрување на квалитетот на животот на младите и унапредување на здравствената заштита во Општина Куманово, информираа денеска од општината.
Првата работилница беше посветена на иницијалната анализа на состојбите, идентификување на клучните предизвици и дефинирање на приоритетните области, преку вклучување на релевантни локални чинители, институции и граѓански организации. Стратегијата се изработува во согласност со рамката на Националната стратегија за млади и со десетките тематски цели поставени на ниво на Агенцијата за млади и спорт но ќе биде адаптирана на специфичните потреби на Куманово.

Неколку клучни приоритети треба да бидат опфатени и да кореспондираат со националната рамка, но и зачувување на локалната специфичност. Меѓу нив се активација на младинските совети, инфраструктурни и безбедносни прашања, вработување и претприемништво, инклузија и меѓуетничка солидарност, младинска информираност и учество.
Стратегијата треба да биде жив документ: создадена заедно со младите, транспарентна и мерлива, со што ќе има резултати, сметаат стручните. Ако стратегијата се изработи според предложениот модел, со јасни показатели, буџетска рамка и активен младински совет, Куманово може да го врати лидерството во локалните политики за млади и да обезбеди видливи придобивки за следните генерации. ам/дма/
Фото: Општина Куманово и МИА