• вторник, 05 ноември 2024

Законите не се засноваат на поединечни случаи, вели Џафери во врска со случајот на Леонид Индов

Законите не се засноваат на поединечни случаи, вели Џафери во врска со случајот на Леонид Индов

Скопје, 22 февруари 2024 (МИА) – Не може да има законски измени и решенија заради одредени случаи. Работата на законите не се заснова на поединечни случаи. Законите се општи правила што треба да важат и што ја даваат можноста консензуално да се процени и оцени кој пациент каде треба да оди во странство, доколку нема предуслови лекувањето да се третира во земјава, рече денеска техничкиот премиер Талат Џафери прашан дали би се иницирале законски измени поради случајот со Леонид Индов.

-  Тоа е општ акт за секој граѓанин. Не може од случај до случај да имате законски решенија затоа што тоа не би било закон, туку би било хаос, така што тоа не е причината, туку тоа што некој не ги врши своите работи, рече Џафери.

Заменик-министерката за здравство Маја Манолева, денеска прашана за овој случај рече дека родителите на Леонид не побарале мислење дали неговата рехабилитација може да се изврши во некоја од нашите установи. 

- Треба да се испочитува здравствениот систем што го имаме, сите можности тука да се исцрпат, па дури потоа нашите пациенти да бидат упатени на лекување во странство. Секако, треба да се разгледа и оваа опција и да се предложи до Собранието некаква измена, односно откако ќе бидат исцрпени можностите во државава за лекување, пациентите да бидат упатени за лекување во странство и за рехабилитација и надвор од земјава, рече Манолева. ра/бак/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан