• петок, 22 ноември 2024

Пуштена во употреба реконструираната спортска сала за учениците во ООУ „Пенестија“ во Дебар

Пуштена во употреба реконструираната спортска сала за учениците во ООУ „Пенестија“ во Дебар

Дебар, 26 март 2024 (МИА) – Технички прием на целосно реконструираната спортска сала во основното општинско училиште „Пенестија“ во Дебар е извршен денеска и од утре учениците ќе може непречено да ја користат, изјави за МИА директорот на училиштето Ајет Мулареџа.

-На задоволство и на наставниот кадар, но пред сè на учениците, реконструкцијата на спортската сала е успешно завршена и денеска направивме технички прием. Таа е според сите стандарди и веќе од утре учениците ќе почнат да ја користат. Сега се дава можност и за организирање разни спортски натпревари, изјави  Мулареџа.

Салата се наоѓа веднаш до училиштето. Изградена е по земјотресот што го погоди дебарското подрачје на 30 ноември 1967 година, кога објектот на сегашната деветолетка функционираше како гимназија. Досега, според директорот, не бил реализиран ниту еден градежен зафат.

-Само салата располага со 280 квадратни метри површина, додека заедно со соблекувалната, тоалетите и другите помошни простории 350 квадратни метри. Спортската сала беше толку амортизирана што претставуваше ризик за безбедноста на учениците. Но, благодарение на општината, пред сè заложбите на градоначалникот и секако министерот за образование, учениците сега имаат идеални услови, додаде Мулареџа.

Овој многу значаен зафат е во рамки на проектот „Изградба и опремување на 145 спортски сали и реконструкција на средни и основни училишта во РСМ“ во кој Општина Дебар го доби проектот за целосна реконструкција на оваа спортска сала. Покрај реконструкцијата, салата ќе биде опремена и со сета потребна современа опрема што, според Мулареџа, ќе се реализира по изборите.

Претходно училишната зграда доби нова фасада и беа изградени и санитарни јазли за ученици со посебни потреби.

ООУ „Пенестија“ е најголемо во поширокиот дебарски регион, каде што настава на македонски и на албански  јазик следат 970 ученици, заедно со подрачното училиште во село Џепиште. вт/хс/

Фото: ООУ„Пенестија“-Дебар

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан