• недела, 22 декември 2024

Противпожарна Кавадарци со апел за внимателност со плински боци, да се купуваат сертифицирани производи 

Противпожарна Кавадарци со апел за внимателност со плински боци, да се купуваат сертифицирани производи 

Кавадарци, 11 декември 2024 (МИА) - Да се внимава при купување и користење на плински боци, да се купуваат сертифицирани производи, апелираа од кавадаречката Противпожарна единица Кавадарци, во изјава за МИА, откако пред неколку дена починаа три лица од кои еден малолетник во неготинско, а Обвинителството соопшти дека е наредена обдукција и испитување на исправноста на плинскиот уред за греење. 

Од Територијалната противпожарна единица Кавадарци потсетија на неколку покарактеристични случаи во изминатиот период во Тиквешијата, во кои имаше проблеми со плинските боци што ги користеа тиквешани. Оттаму апелираа за внимателност кај населението и правилно поставување на плинските боци. 

Вистинска драма предизвикала запалена плинска боца во индивидуален станбен објект во населбата Голи оток, пред неколку години во Кавадарци. Среќа што пожарот бил забележан во почетната фаза и што домаќините веднаш се јавиле во противпожарната служба, но среќа било и тоа што во тоа време во околината на боцата немало други лесно запаливи предмети, што би можеле да го засилат пожарот и да предизвикаат поголеми последици. 

- Упатуваме апел до граѓаните да внимаваат кога ракуваат со плински боци, да ја проверуваат нивната исправност и што е најважно, да не купуваат боци што работат на плин а се со сомнителен квалитет. Затоа што недоволно квалитетните, неисправните и невнимателно употребуваните плински боци можат да бидат вистински бомби во домовите, подвлече Александар Чадамов, командир на ТППЕ Кавадарци. 

Пожарникарите се осврнаа и на неколку други пожари, што биле последица на проблеми со плински боци. Притоа предупредија будноста да биде зголемена кога се работи со плински боци и постојано да се врши надзор. 

Во друг од случаите во изминатиот период во Тиквешкиот регион, од запалена плинска боца настанал пожар а пламените јазици ја голтнале помошната просторија кујна на едно семејство. Настрадал и покривот од купатилото. Пламенот го зафатил и предниот дел од автомобилот кој бил паркиран веднаш до објектот кој бил зафатен од пожарот, така што настрадал неговиот преден дел. Во пожарот била причинета значителна материјална штета. 

При еден од пожарите, се работело за неправилно поставена обична плинска боца за готвење, без сигурносен вентил. Наместо на метална подлога и обиколена со метални огради како заштита од ветер, во случајот боцата била поставена на дрвено шкафче и обиколена со дрвени иверици. Од ветерот се запалила иверицата и настанал пожар. 

Пожарникарите се сеќаваат и на случајот кога на неготинец му експлодирала плинска боца, додека печел ракија. Тие потврдија дека тренд е да се употребуваат плински боци како извор на енергија при печење ракија. Повикаа да се внимава при нивното користење. Доколку веќе се употребуваат, да се ракува со нив соодветно и да не се во близина на топлина, со цел да се избегнат несакани последици.

-Бидејќи е период кога во најлозарскиот крај на државата масовно се пече ракија, апелираме до тиквешани да внимаваат и да нема отпаден материјал крај огништето. За да се спречат евентуални пожари, истакна Чадамов. свд/ев/

ФОТО: Противпожарна единица Кавадарци 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан