• петок, 22 ноември 2024

Протест на кавадаречки пензионери, се бара линеарно покачување на пензиите

Протест на кавадаречки пензионери, се бара линеарно покачување на пензиите

Кавадарци 13 септември 2023 (МИА) - Мирен протест и денеска организираа кавадаречки пензионери, на градскиот плоштад во Кавадарци. Јавно беа повторени барањата, линеарно зголемување на пензиите, најмалата пензија да не е под 20 000 денари. Од строгиот центар на градот, беше упатен јавен апел до сите парламентарци и до Сојузот на пензионери, да се заложат за овие барања на незадоволните пензионери.

- Не се живее со мали пензии. Сите цени на артикли се зголемени во продажба, затоа бараме зголемување и на пензиите и тоа линеарно. Во нашата општина има 6.070 пензионери, 3.000 а можеби и повеќе се со пензија до 15.000 денари. Како да се преживее со тие пари. Не отстапуваме од нашите барања, нагласија пензионерите. 

Повторно јавно беше поставено и прашањето, зошто скоро во сите општински здруженија работат пензионери со високи пензии, па плус земаат пари. 

- И ние со ниски пензии знаеме, можеме и сакаме да работиме во здруженијата на пензионери, со тоа да придонесеме за подобар живот на пензионерите,  повторија дел од присутните пензионери на мирниот протест. свд/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан