Прославата на Водици „ги скара“ црквата и Владата во Грција
- Одлуката на грчката Влада да забрани отворање на црквите и литургии со присуство на верници за време на утрешниот празник Водици, предизвика проблеми во односите меѓу Владата и црквата во Грц
Атина, 5 јануари 2021 (МИА) – Одлуката на грчката Влада да забрани отворање на црквите и литургии со присуство на верници за време на утрешниот празник Водици, предизвика проблеми во односите меѓу Владата и црквата во Грција, со оглед на тоа дека Светиот Синод на ГПЦ одлучи и покрај забраната, да ги отворат вратите за верниците, јави дописничката на МИА од Атина.
-Законот не може своеволно да се спроведува, па да го игнорира секој што не се согласува. Се надеваме дека црквата ќе ја сфати критичноста на овие моменти за општеството, како што тоа, одговорно, го правеше досега. Спроведувањето на превентивни и мерки претставува обврска, но и чин на општествена солидарност и одговорност на сите нас, соопштија од Владата, откако Светиот Синод на Грчката православна црква, најави дека црквите ќе останат „отворени за учество на верниците на литургија и осветувањето на водите во црквите“.
Светиот Синод вчера одржа вонреден состанок и соопшти дека „не се согласуваат со мерките и инсистираат на она што беше првично договорено“.
Денеска, за евентуално изнаоѓање решение на проблемот меѓу Владата и црквата, вниманието е насочено кон претседателската палата, со оглед на тоа дека на свечена заклетва на новите министри, присутни се и грчкиот премиер и поглаварот на ГПЦ, иако рано утрово се споменуваше дека архиепископот Јеронимос нема да биде присутен.
Според грчките медиуми, Мицотакис и Јеронимос одржале куса средба, додека пак митрополитот Атинагорас, кој е и портпарол на Светиот Синод на ГПЦ, утрово говорејќи за медиумите изрази надеж дека ќе се најде „златна средина“.
Меѓу мерките што грчката Влада ги соопшти во саботата, а се однесуваат на оваа седмица е и забрана за отворање на црквите во среда за Водици, иако пред празниците беше соопштено за време на карантинот исклучок ќе има а за Божиќ, Нова година и за Водици кога литургии те ќе може да се одржат со присуство на верници.
Ова е прв конфликт меѓу Владата и црквата во Грција од почетокот на епидемијата. ср/