• понеделник, 23 декември 2024

Промоција на „Шестарот на времето“ од Никола Маџиров 

Промоција на  „Шестарот на времето“ од Никола Маџиров 

Скопје, 13 јуни 2024 (МИА) - Со проекција на видеа, поетско читање и музички настап вечер ќе биде промовирана поетската книга „Шестарот на времето“ од Никола Маџиров. Стихозбирката, која е во издание на „Арс Либрис“, дел од „Арс Ламина – публикации“, го обединува целокупното поетско творештво на Маџиров, еден од најпознатите и најпреведуваните македонски поети во светот.

Поетско-музичкиот настан „Никола Маџиров и пријателите“, кој ќе се одржи во рамки на новиот фестивал за литература и општа култура – „Видик“, ќе почне во 19 часот, со проекција на видеокомпилација со изведби на стихови од Маџиров, од страна на различни музичари и уметници ширум светот. По проекцијата, во 20 часот ќе има претставување на „Шестарот на времето“ и поетско читање.

Книгата ќе ја претстави уредничката Оливера Ќорвезироска, по што ќе следува поетско читање проследено со музичка изведба.

Стихови од Маџиров ќе интерпретираат познати имиња од повеќе области на културата, негови соработници и пријатели: Ѓоко Здравески, Добрила Грашеска, Симона Димковска, Николина Андова Шопова, Влада Урошевиќ, Александра Пешевска, Искра Гешоска, Ивана Јовановска, Зарина Првасевда, Елизабета Шелева, Александар Прокопиев, Дарко Лешоски, Дејвид Гир, Ѓорѓи Јолевски, Џон Илија Апелгрен со Гордан Спасовски, Гоце Смилевски, Ива Дамјановски, Мартин Манев, Јосип Коцев, Mојра и други. Во продолжение на вечерта ќе се одржи музички настап на триото во состав: Никола Бочваров, Дамир Имери и Гоце Стевковски, исто така инспириран од поезијата на Маџиров.

- Книгата „Шестарот на времето“, која е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“ на „Арс Ламина“, покрај трите негови веќе култни поетски збирки без кои тешко може да се замисли поезијата на нашето време („Преместен камен“, „Некаде никаде“ и „Заклучени во градот“), наградувани дома и во светот, ексклузивно содржи десет нови песни (досега необјавени во книга) и првата песна што ја напишал Маџиров, соопшти издавачот.

Книгата е со поговор од Лидија Капушевска-Дракулевска и обемен додаток во кој првпат на едно место се објавуваат извадоци од домашната и од светската критика за Маџиров: од десетина македонски автори и истакнати критичари (Матеја Матевски, Влада Урошевиќ, Елизабета Шелева, Венко Андоновски, Гоце Смилевски...), дваесетина светски елитни имиња (Чарлс Симиќ, Адам Загајевски, Каролин Форше, Уљана Волф, Јасухиро Јоцумото, Георги Господинов...), како и извадоци од рецензии објавени во најреномираните весници и списанија во светот („Шпигел“, „Ел Паис“, „Ворлд литаратур тудеј“, „Тотенвил ривју“, Би-би-си...).

Изданието има ретрограден концепт, се почнува од „крајот“ (од денес, сега и овде) и се оди наназад сè до почетокот, всушност до првата песна на Маџиров напишана во 1989 година, која првпат се објавува пред јавноста како уште еден ексклузивитет на ова издание.

Поезијата на Маџиров е пеена, музицирана и славена низ светот со најпознати музичари, групи и џез-оркестри од нашето време. мд/аа/
 
 фото: Принтскрин 

Остани поврзан