• петок, 22 ноември 2024

Промоција на првата книга за есеистиката на Горан Стефановски – „Идентитетот е приказна“

Промоција на првата книга за есеистиката на Горан Стефановски – „Идентитетот е приказна“
Скопје, 15 октомври 2022 (МИА) - Промоција на книгата „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски, објавена по повод 70 години од раѓањето на големиот драмски автор и есеист Горан Стефановски се одржа денеска во Скопје. Објавувањето на книгата на Антоновски, како што соопшти издавачката куќа „Полица“, дојдоа да го поздрават универзитетски професори, писатели, актери, режисери, продуценти, ликовни уметници, бизнисмени, политичари, новинари и активисти на граѓанскиот сектор, но и бројни почитувачи на делото на Стефановски. Книгата на Антоновски е оценета како исклучително проучување и на полето на современата македонска книжевна наука и на полето на македонската култура. - Oва е првиот системски и систематизирачки пристап кон есеистичкиот опус на Горан Стефановски, обезбедувајќи го неопходното формално-критичко вреднување на еден заокружен корпус којшто е неформално валоризиран преку цитатното сеприсуство во дигиталниот и во културниот простор. Следствено, тоа е значаен влог и во рамките на она што авторот Антоновски го именува како горанологија, истакна во промотивната беседа, универзитетската професорка и книжевна критичарка, Марија Ѓорѓиева-Димова. Таа меѓудругото напомена дека „Идентитетот е приказна“ не е само книга во којашто се толкува есеистичкиот корпус на еден исклучителен и автентичен интелектуалец, туку е и книжевно-научна студија во вистинската смисла на зборот која „проникливо, аналитично, аргументирано, но и полемички ги нотира актуелните состојби во книжевната наука, вклучително и македонската, давајќи конкретни предлози за понатамошни истражувања и во однос на есејот, вклучително и македонскиот, и во однос на есеистичкиот опус на Стефановски“. Водител на програмата беше актерот кој има остварено улоги во речиси сите изведби на драми на Горан Стефановски на македонската сцена – Благоја Чоревски, кој на сцената се појави со култната реплика од „Тетовирани души“: „Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност“, при што напомена дека е добро што во сегашноста што ја глумиме, и на ваков начин, достојно со одбележува јубилејот на Горан Стефановски – со прва книга за неговата есеистика. На промоцијата одекнаа и фрагменти од есеи на Стефановски со прочит на актерите Енџи Николоска и Никола Настоски, а беа изведени и фрагменти од театарската претстава „За нашиот Горан“ од младите актери од Актерската школа на Весна Петрушевска. Како што беше посочено на настанот, тие се претставници на генерациите заради кои сме обврзани да ги разбереме пораките од есеите на Горан Стефановски, а кои се анализирани во „Идентитетот е приказна“ од Иван Антоновски. Настанот, како што соопшти издавачката куќа, беше поддржан од Општината Центар и со свое обраќање се вклучи и градоначалникот Горан Герасимовски, кој истакна оти се надева денешниов настан да се памети и како едно од културните збиднувања во центарот на Скопје во текот на оваа 2022 година, кога го чествуваме јубилејот, и како настан преку кој се промовира и остварува ново исчитување и вреднување на еден значаен дел од творештвото на Стефановски. - Kнигата е дел од она што ќе остане и како едно од трајните обележја на јубилејната година, и како референца за нови исчитувања на Горановото творештво, истакна Герасимовски. Во завршницата на настанот, пред присутните се обрати и авторот на „Идентитетот е приказна“, Иван Антоновски. - Она што како чувство за идентитет се носи во срцето не се чисти метафори, туку се обврски, ни порачуваше Горан. Затоа што идентитетот е приказна, но и работа и одговорност. Да се исчитаат неговите есеи беше и е обврска кон македонската книжевност и култура, посочи Антоновски. Есејот на Горан Стефановски, како што нагласи Антоновски, не завршува со три точки, туку со точка или извичник – со конкретна порака и заклучок! Според него, ако суштински ги разбереме Горановите пораки од есеите, тогаш и ќе успееме вистински да ја покажеме нашата приказна – нашата вистина за тоа кои сме биле, кои сме и кои сакаме да бидеме за однапред, како што би рекол Стефановски. Книгата „Идентитетот е приказна“ е објавена од издавачката куќа „Полица“, во соработка со Здружението за промоција и сочувување на културното наследство на Горан Стефановски, а како проект од национален интерес во културата за 2022 година, изданието, финансиски е поддржано од Министерството за култура. мс/са/

Остани поврзан