• сабота, 07 февруари 2026

Промоција на книга и претстава за деца „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова

Промоција на книга и претстава за деца „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова

Скопје, 7 февруари 2026 (МИА) - Промоција на книгата „Златната книга на Лудви“ од Тина Иванова во рамки на фестивалот „Денови на литературата“ на „Арс Ламина“, ќе се одржи денеска со почеток во 18:00 часот, во книжарницата на „Литература“ во „Дајмонд мол“. Илустрациите се дело на Рената Јосифовска.

Книгата е инспирирана од животот и творештвото на големиот композитор Лудвиг ван Бетовен и е првата од петте книги за деца во серијалот „Музичка кутија“, инспирирани и од Моцарт, Бах, Верди и Чајковски.

Промоцијата ќе ја води уредничката Бисера Бендевска, во форма на краток дијалог со авторката. По промоцијата, ќе се одржи мини-претстава за деца, во која ќе учествуваат авторката и диригентката Дијана Имери Илкоска, задолжена за интерпретација на музиката на Бетовен за пијано.

„Златната книга на Лудви“, како и сите книги од серијалот, не го обработува животот на композиторите, туку создава нови бајки за деца. Главниот лик, малиот Лудви, е дете кое сака книги и свири на пијано, но минува низ низа неочекувани случувања. Приказната е топла, разиграна и полна со емоции, вистинско доживување за деца и возрасни.

Издавач на книгата и на целиот сет „Музичка кутија“ е „Либи“ (дел од „Арс Ламина публикации“). дма/сст/

Фото: Илустрација

Остани поврзан