Промоција на едицијата „Порта Европа“
- Книжевната едиција „Порта Европа“ се состои од шест извонредни книжевни дела од европски автори, кои зачекоруваат во македонскиот книжевен контекст со својот најпретставителен патен документ – Европската награда за книжевност што ја доделува Европската унија.
Скопје,16 февруари 2024 (МИА) - Едицијата „Порта Европа“ во издание на „Арс Ламина“ вечер ќе биде промовирана во Café Literatura во „Дајмонд мол“.
- Книжевната едиција „Порта Европа“ се состои од шест извонредни книжевни дела од европски автори, кои зачекоруваат во македонскиот книжевен контекст со својот најпретставителен патен документ – Европската награда за книжевност што ја доделува Европската унија. Се работи за книгите „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ од Бјорн Расмусен, „Градина од стакло“ од Татјана Цибуљак, „Приказна за духовите“ од Лаура Фројденталер, „Почитувани бубачки и други морничави приказни“ од Маша Колановиќ, „Лекцијата на месечарот“ од Фредерико Педреира, „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“ од Марија Наваро Скарангер, соопштуваат од „Арс Ламина“.
Модератори на настанот ќе бидат Бисера Бендевска и Оливера Ќорвезироска, уреднички на книгите кои се дел од „Порта Европа“, а меѓу учесниците ќе ги видиме и Дејан Василевски (преведувач од хрватски јазик на „Почитувани бубачки и други морничави приказни“), Ермис Лафазановски (преведувач од романски јазик на „Градина од стакло“), Искра Бадева (преведувачка од дански јазик на „Кожата е еластичната обвивка што го опфаќа целото тело“ и превод од норвешки јазик на „Книга за тагата (Приказна за Нилс во шумата)“, Андреј Лавчански (дизајнер на корицата за „Градина од стакло“) и Лара Маринковиќ (дизајнерка на корицата за „Приказна за духовите“).
Воедно појаснуваат дека сите шест прозни дела во себе носат приказна од сопствениот културен контекст, а истовремено меѓусебно се допираат во интроспективните аспекти и отсликувањето на внатрешните борби на носечките ликови.
Објавувањето на оваа едиција, исто така е засновано на еколошка заднина и во насока на ублажување на економските ефекти од рестрикциите предизвикани од пандемијата на Ковид-19 врз издавачкиот сектор, преку соработка со чинители од синџирот на книгоиздателството на домашниот пазар.
Проектот е кофинансиран од Европската Унија.
Книгите се достапни во поголемите книжарници и онлајн преку www.literatura.mk
ад/дма/