Промоцијата на волонтерството како начин младите активно да решаваат проблеми во заедницата
- Со поставување штанд за делење информативни материјали, работилница за рециклирање и паноа за цртање или пишување на мотивирачки пораки до младите за волонтерска работа, во Тетово денеска се организира промоција на волонтерството, во организација на граѓанските здруженија Женски Форум Тетово и Волонтерски центар Скопје.
Тетово, 30 мај 2023 (МИА) - Со поставување штанд за делење информативни материјали, работилница за рециклирање и паноа за цртање или пишување на мотивирачки пораки до младите за волонтерска работа, во Тетово денеска се организира промоција на волонтерството, во организација на граѓанските здруженија Женски Форум Тетово и Волонтерски центар Скопје.
-Женски Форум ги мотивира младите девојки да се вклучуваат во волонтерски активности, да волонтираат во здруженија на граѓани и во организации. Да се развива свеста на волонтерството. Да можат да ги детектираат главните проблеми во заедницата, да апелираат и да иницираат решавање на истите и така да станат идни активни граѓанки во заедницата, изјави Слаѓана Јосифоска, претставничка на Женски Форум.
На овој начин, со настани на отворено и посета на повеќе градови, канцеларијата на Волонтерски центар се приближува до младите, посочуваат од ова организација.
-Пораките се на тема-волонтерство. Како да се стане активен волонтер, како младите постојано да бидат вклучени како да станат свесни за потребите и проблемите на заедницата и за тоа да интервенираат од млади нозе. Како да станат поактивни граѓани. Пораката што ја користи Волонтерски центар Скопје е суштината на волонтерството-Волонтерите не се платени за тоа што се безвредни, туку затоа што се бесценети, изјави Андреј Наумоски, претставник на Волонтерски центар Скопје.
Оваа активност е дел од проектот „Младинско учество за силен и одржлив развој на заедницата“, поддржан од ЕУ, кој Здружение Женски Форум Тетово го спроведува заедно со партнерските организации: Коалиција СЕГА Прилеп, СОС Детско Село Скопје и Волонтерски Центар Скопје. ас/цр
Фото: МИА