• недела, 22 декември 2024

Промовиран романот „Трамонтана“ од Наташа Сарџоска

Промовиран романот „Трамонтана“ од Наташа Сарџоска
Скопје, 23 септември 2021 (МИА) - Промоција на книгата „Трамонтана“, роман првенец на поетесата, преведувачка и антрополог Наташа Сарџоска, во издание на Издавачкиот центар ТРИ, се одржа вечерва во Скопје, на отворено во ботаничката градина на покривот на ГТЦ. Во присуство на вљубеници на пишаниот збор, писатели, јавни личности, за романот говореше писателката Фросина Пармаковска која истакна дека ова е роман пишуван во прво лице, каде авторот, вели, мора на некој начин да се нурне во главниот лик - Алма, да сочувствува со него, да пострада со него. Во слоевитоста на романот, според неа важен аспект е и самоспознавањето, и тоа што поставува многу прашања. - Ова е роман кој што отвора многу прашања, роман кој отвора и културолошки прашања, за противречностите на истокот и западот, за таа фатална средба меѓу ликовите, за лажниот сјај на буржоазијата. Роман за љубовта, но не како фокус на романот туку како еден вид награда после таа генералка на битието, љубовта како еден бонус, како билет за во непознат правец каде нема ништо сигурно, ништо безбедно, вели меѓу другото, промоторот Пармаковска. За авторката Сарџоска името на романот Трамонтана е совршено, бидејќи доаѓа од истоимениот ветер својствен за Каталонија, кој е насилен, свиреп, брутален и го симболизира животот на Алма, женскиот лик, која мора да изгуби се за да се најде себе си. Идејата да напише роман за една жена која е отуѓена, осамена, која има се, а нема ништо, која секаде припаѓа, а не припаѓа никаде, ја носи, вели, во себе уште од 2006 година, кога живее во Париз. - Сакав да напишам роман за една современа жена од која многу се очекува - да биде мајка, сопруга, сестра, бизнисменка, професорка, обвинителка, а на која многу малку и се дава. И овој женски лик во форма на бунт решава ништо од тоа да не исполни, да не одговори на ниту едно очекување и решава на некој Буњуелски начин, како Убавицата на денот со Катрин Денев, да се впушти во еден двоен анонимен, промискуитетен живот, затоа што така таа смета дека може да дојде до таа забранета слобода. Сакав да изградам приказна околу тој лик, но долго време срамежливо го чував во еден фолдер во комјутерот, вели Сарџоска говорејќи за предизвикот да се обиде и во прозната форма. Наташа Сарџоска е родена во Скопје 1979 година. Дипломирала италијански јазик и компаративна книжевност си француски јазик на Филолошкиот факултет во Скопје, а магистрирала во рамки на програмата „Еразмус“ книжевност, културолошки студии и комуникации на Универзитетот во Лисабон, Бергамо и Перпињан. Докторирала антропологија на Универзитетот во Тубинген, на Нова Сорбона во Париз и на Унивезрзитетот во Бергамо. Предава на Меѓународниот универзитет „Шилер“ во Хајделберг Германија. Автор е на повеќе книги поезија кои се преведи и објавени во над 15 земји во светот. Преведува проза и поезија од стотина автори од италијански, француски, португалски, шпански и каталонски јазик на македонски. вг/лв/  

Остани поврзан