Промовирана книгата „Етнолошко-фолклористички потенцијали за развој на етнотуризмот во Општина Кратово“ од Лиде Стојановска
- Во Музејот на Кратово денеска се одржа промоцијата на книгата „Етнолошко-фолклористички потенцијали за развој на етнотуризмот во Општина Кратово“ од авторката Лиде Стојановска.
Кратово, 7 ноември 2025 (МИА) - Во Музејот на Кратово денеска се одржа промоцијата на книгата „Етнолошко-фолклористички потенцијали за развој на етнотуризмот во Општина Кратово“ од авторката Лиде Стојановска.
Книгата е резултат на истражување под менторство на професор д-р Зоранчо Малинов, а рецензенти се прoфесор д-р Зоранчо Малинов и м-р Драган Георгиевски. Промотори беа директорката на Музејот на град Кратово, Марина Крстевска проф. Малинов.

-Ова е моја прва книга, која произлезе од долгогодишната љубов кон традицијата и желбата да се зачува и промовира културното наследство на Кратово. Идејата се роди за време на моето истражување во Институтот за фолклор „Марко Цепенков", кога сфатив колку богат материјал се крие во секојдневниот живот, во приказните, песните и обичаите на кратовскиот крај. Со овој труд сакав да покажам дека фолклорот и етнологијата не се само дел од минатото, туку и основа за современ туристички развој. Верувам дека преку вакви истражувања и промоција на локалната култура, Кратово и Македонија можат да се позиционираат како уникатни дестинации за етнотуризам, рече Стојановска.
На настанот присуствуваа педесетина посетители од Кратово, Скопје, Струмица и Крива Паланка, како и туристи од Аргентина, кои ја проследија промоцијата со голем интерес.
Публиката имаше можност да се запознае со етнолошко-фолклористичкото богатство на Кратово и неговиот потенцијал за развој на етнотуризмот. ид/фф/
Фото: Музеј на град Кратово