• петок, 22 ноември 2024

Производителите на оружје во 2022. тешко ја следеа побарувачката

Производителите на оружје во 2022. тешко ја следеа побарувачката

5 декември 2023

СИПРИ

 

Приходите на водечките производители на оружје во 2022 година благо се намалија бидејќи капацитетите не можеа да бидат во чекор со побарувачката, објави шведскиот институт СИПРИ(SIPRI).

Приходите на 100-те водечки производители минатата година се намалени за 3,2 отсто, на 597 милијарди долари, пресметани од Стокхолмскиот институт за меѓународни мировни истражувања (СИПРИ).

Руската инвазија на Украина и геополитичките тензии ширум светот создадоа силна побарувачка, но многу европски и американски производители не успеаја значително да го зголемат производствениот капацитет поради недостигот на работна сила, зголемените трошоци и прекините во снабдувањето, објаснуваат од Институтот.

„Згора на тоа, земјите испорачаа нови нарачки кон крајот на годината, така што порастот на побарувачката поради временскиот јаз меѓу нарачките и производството не се одрази на приходите на компаниите во 2022 година“, додаваат тие.

Понискиот приход во 2022 година го припишуваат пред се на послабите резултати на американските и руските компании.

Приходите на американските производители на оружје се намалија минатата година за 7,9 отсто, на 302 милијарди долари, главно поради проблемите со набавките и недостигот на работна сила, открија тие.

Податоците за руските компании се „екстремно“ ограничени, а само две се вклучени во извештајот со пад на приходите од 12 отсто, на 20,8 милијарди долари, според шведскиот институт.

Европските производители ги зголемија приходите

Европските производители ги зголемија приходите за 0,9 отсто, а главен извор се„Ербас“ (Airbus) и KNDS.

Најсилен раст забележале компаниите од Блискиот Исток, за 11 отсто, на 17,9 милијарди долари, пресмета СИПРИ. Турските производители се истакнаа со највисока стапка на раст од 22 отсто, а израелските производители со најголема сума, 12,4 милијарди долари.

-Компаниите од Блискиот Исток специјализирани за технолошки помалку софистицирани производи успеаја да го зголемат производството за пократок временски период и да одговорат на силниот раст на побарувачката, објаснува истражувачот на СИПРИ, Диего Лопес да Силва, издвојувајќи го турскиот „Бајкар“, производителот на беспилотното летало „Бајрактар“.

„Многу производители на оружје имаа проблеми да се прилагодат на војување со висок интензитет“, додава Луси Беро-Судро, директорка на одделот за истражување на оружје на СИПРИ.

Американските компании го задржаа првото место со половина од учеството во вкупниот приход, а на второ место е група кинески компании со учество од 18 отсто. 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан