• понеделник, 23 декември 2024

Проекција на македонскиот игран филм „Мементо“ во Шибеник

Проекција на македонскиот игран филм „Мементо“ во Шибеник

Скопје, 20 септември 2023 (МИА) - Во мултимедијалната сала на Градската библиотека „Јурај Шижгориќ“ во Шибеник вечер ќе се одржи проекција на македонскиот игран филм „Мементо“ (1967). Главните улоги ги толкуваат Рената Фрајскорн и Стево Жигон, а режијата е на Димитрие Османли.

Овој проект е во организација на здружението Хрватско-македонска тангента. На гостите, како што е најавено, ќе им се обратат претседателот на Хрватско-македонската тангента Сашо Георгиевски и политичарот Тито Петковски. 

На 11 септември, „Мементо“  беше официјално прикажан во престижниот МоМА, Музејот на современа уметност во Њујорк, во програма посветена на југословенските авторски филмови од 1960-тите. Пред тоа „Мементо“ ја имаше својата „втора премиера“, односно премиерната проекција на дигитализирана копија од филмот како дел од програмата на третото издание на „Сезона на филмски класици“ - проект на Европската асоцијација на кинотеки (ACE - Association des Cinémathèques Européennes), финансирана од програмата МЕДИА на Европската комисија, заедно со серија проекции во европските филмски центри.

Набргу по онаа во Шибеник, проекцијата ќе се одржи во шпанската кинотека во Мадрид. Неодамна филмот беше прикажан и во Културно-информативниот центар на градот Загреб.

На страницата МоМА за „Мементо“ на Османли пишува дека „...филмот е за совеста и се карактеризира со една од најдобрите монтажи досега изведени на целулоидна филмска лента“, како и дека силно потсетува на делата на францускиот филмски мајстор Ален Ресне.

„Земењето на земјотресот како почетна точка за критички размислувања за прашања како што се холокаустот, нуклеарните катастрофи и Виетнамската војна - Мементо е калеидоскоп на 20 век, како и лична потрага по мир во овој турбулентен свет“.

Во трауматскиот дискурс, филмот добива актуелност со новите трагични искуства како што се катастрофалните земјотреси во Турција и Сирија и последната катастрофа што го погоди Мароко, но и во секој елемент на масовно човечко страдање...

„Мементо“ е вториот игран филм на Османли (1927, Битола – 2006, Скопје), еден од пионерите на македонската кинематографија. мд/лв/

Фото: Принтскрин од веб-страницата на Кинотека 

Остани поврзан