• петок, 22 ноември 2024

Проекти за модерно, урбано и зелено Куманово, најави кандидатот за градоначалник на СДСМ Илиевски за Куманово

Проекти за модерно, урбано и зелено Куманово, најави кандидатот за градоначалник на СДСМ Илиевски за Куманово

Куманово, 29 септември 2021 (МИА) - Кандидатот за градоначалник на Куманово од СДСМ, Оливер Илиевски, кандидатите за советници и потпретседателот на СДСМ, Оливер Спасовски од Соколана најавија реконструкција на комплексот, проекти за модерно, урбано и зелено Куманово. Илиевски најави изградба на кеј со девет километри пешачка зона и изградба на 40 километри тротоари.

Во програмата има макро проекти кои го засегаат целиот град и микро проекти за  населбите, меѓу нив гасификација на градот и на индустриската зона.

- На ТВ дуел ми кажаа дека тоа не може да се направи, а јас велам нема проблем кој не може да се реши, ќе изнајдеме решение и ќе го решиме. Нашите компании треба да бидат поконкурентни на светските пазари поконкурентни на македонскиот пазар само така можеме да привлечеме странски инвеститори и инвеститори од другите градови да дојдат во Куманово-рече Илиевски

Тој најави изградба на кеј на двете реки, пешачка и велопатека, модерно шеталиште. Илиевски најави и реконструкција на градски стадион и формирање на фудбалски клуб, вложување во спортисти. Кандидатот најави и изградба на подземен паркинг кој ќе ги поврзе двата плоштади.

Потпретседателот на СДСМ, Спасовски истакна дека кандидатот Илиевски е иден градоначалник на Куманово. Тој рече дека е горд што успеал да наметне принцип, според кој Владата му помогнала на Куманово, потсетувајќи дека се изградени сите регионални патишта кои 50 години не биле реконструирани, спортски сали, канализациска мрежа, рекреативен центар. Спасовски најави целосна реконструкција на Соколана и на Спомен Костурницата.

На 17 октомври, победата во првиот круг ќе биде на Илиевски, нагласи Спасовски.

Тој нагласи дека ќе бидат победени режимот, но и оние кои сакаат да се пазарат, потенцирајќи дека за Куманово досега се борела само социјалдемократијата и затоа Куманово ќе има повторно градоначалник од СДСМ.

- Еден градоначалник не смее да дозволи да има маало како Соколана и да му поминат четири години, а да знае дека улиците не се асфалтирани и дел немаат вода. При такви услови еден градоначалник не треба да се занимава со високи политики, со Бугарија, Грција … Таквите градоначалници се популисти и затоа треба да го избереме Оливер Илиевски, кој ќе крои политика на градот и ќе има визија какво ќе е Куманово после четири, осум, дваесет години-заклучи Спасовски.ам/бк/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан