• понеделник, 23 декември 2024

Продолжува спасувачката акција за пронаоѓање на исчезнатите 12 морнари во потонатиот товарен брод кај грчкиот остров Лезбос

Продолжува спасувачката акција за пронаоѓање на исчезнатите 12 морнари во потонатиот товарен брод кај грчкиот остров Лезбос

Атина, 27 ноември 2023 (МИА) – Продолжува и денеска спасувачката акција на Крајбрежната служба на Грција за пронаоѓање на исчезнатите 12 морнари од товарниот брод што вчера потона во морскиот дел југозападно од грчкиот остров Лезбос, јави дописничката на МИА од Атина.

Од 14 членови на екипажот, еден морнар беше спасен, вчера беше извлечено едно безживотно тело, додека пак спасувачката акција што започна вчера наутро, траеше и во текот на ноќта.

Станува збор за товарниот брод „Раптор“, што пловел под знамето на Комори, пренесувал сол, а тргнал од Египет со крајна дестинација Истанбул.

Преживеаниот, според грчките медиуми, на спасувачите им рекол дека бродот уште во саботата вечерта имал проблем, кога почнала да навлегува вода, се обиделе со кофи да ја испразнат, но подоцна се појавила дупка, а бродот опасно се навалил.

Портпаролот на Крајбрежната служба на Грција Никос Алексиу за државната телевизија ЕРТ објасни дека вчера наутро бродот побарал помош, првично пријавил проблем со моторот, а подоцна дека започнал да тоне.

-Причините кои доведоа до оваа поморска трагедија ќе ги разгледа прелиминарната истрага, но јасно е дека кога постои навлегување на вода или механички дефект мора веднаш да известите, за да ви се пружи потребната помош, рече Алексиу.

Единствениот преживеан беше спасен со помош на хеликоптер на воената морнарица.

Членовите на екипажот, според грчките медиуми се државјани на Египет, Сирија и Индија. ср/ссм/

Остани поврзан