• понеделник, 23 декември 2024

Продолжи расправата за разрешување на замениците-министри

Продолжи расправата за разрешување на замениците-министри

Скопје, 28 февруари 2023 (МИА) - Пратениците попладнево ја продолжија 104. седница со расправа за разрешувањата на заменик-министрите за одбрана, за земјоделство и за образование и наука, Башким Хасани, Абдулшуќур Абедини и Лулзим Алиу. 

Расправата почна доцна синоќа со обраќање на премиерот Димитар Ковачевски, кој побара конструктивна дискусија и повтори дека владината реконструкција не е партиски мотивирана, туку е за европската иднина на државата.

Според пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, оваа реконструкција се прави за да се заштити вицепремиерот Артан Груби. Според нив, оваа власт потврдила дека нема резултати и капацитет за промена со која ќе се подобри животот на граѓаните. Посочија дека од експозето на премиерот не слушнале ниту збор зошто едни се разрешуваат, а други се назначуваат. 

- Во синоќешниот говор не слушнавме ниту еден збор за тоа зошто ги разрешувате заменик министрите. Која била методологијата согласно која Вие лично сте одобриле да биде заменет или некој да биде назначен? Оваа реконструкција ја направија ДУИ со цел да уништат уште една опозициска партија од албанскиот блок, чиј што рејтинг ќе се стопи како коцка мраз во 50 степени. Ќе купат ден плус. Ќе ги минимизираат „огнените“ и зацврстат своето внимание за момент, рече Ели Панова од ВМРО-ДПМНЕ.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски рече дека ако разрешувањето на заменик министрите не е од политички причини, тогаш граѓаните заслужуваат да знаат дали луѓето кои 13 месеци биле заменици-министри работеле добро или не. 

- Ако не разрешувате политички, кажете зошто е сменет заменик министерот за одбрана? Заради тоа што е дел од „огнената група“? Заради тоа што „огнената група“ вчера не ви дојде да ви гласа за новата влада и сега тоа е политички или не е политички? Ако не е политички, тогаш граѓаните заслужуваат да знаат дали овие луѓе кои што 13 месеци заедно ви беа заменик министри добро работеле или не. Ако не работеле добро, значи вашите перформанси на Влада се слаби, рече Стојаноски.  

Според пратеникот на Социјалистичка партија на Македонија, Стојан Миланов, оваа власт потврдила дека нема резултати, ниту капацитет за промена со која ќе се подобри животот на граѓаните.

На синоќешното продолжение на 104. седница беа избрани четорицата нови министри во Владата - Кренар Лога за правда, Фатмир Меџити за здравство, Азир Алиу за информатичко општество и администрација, како и Каја Шукова за животна средина и просторно планирање. фф/бак/

Фото: МИА 

Остани поврзан