• недела, 29 декември 2024

Попладне продолжува расправата по Предлог-буџетот за 2025 година

Попладне продолжува расправата по Предлог-буџетот за 2025 година

Скопје, 10 декември 2024 (МИА) - Во Собранието попладне ќе продолжи расправата по Предлог-буџетот за 2025 година.

Според пратениците од опозицијата предлог-буџетот за 2025 година не нуди одржливи политики што ќе овозможат структурни реформи, економски раст и развој, а за власта е добар и ги задоволува сите критериуми.

Изјава на пратеникот Амар Мециновиќ од Левица. 

Амар Мециновиќ, пратеник на Левица истакна дека нема да го поддржат Буџетот.

-Повикувам на разум кај владејачкото мнозинство во изготвувањето на ребалансот на Буџетот да се фокусираме повеќе на социјалните политики и социјалните програми на граѓаните, наместо на краткорочните политички цели кои имаат зацртано во однос на локалните избори следната година. Вашата десничарска влада  ќе им го зголеми работниот век на пензионерите во овој мандат, па после ќе зборуваме за пензионерите. А за платите кои ги зголемувате, политиките на Фискалниот совет и на Министерството за финансии кои воопшто не се усогласени не можат да одговорат на квалитетот на животот на граѓаните во следната година. Ние предвидовме амандмани за локални политики  затоа што вашите 250-350 милиони се вбризгани за коруптивно влијание на вашите градоначалници, рече Мециновиќ.

Пратеникот на Социјалистичката партија на Македонија, Малиша Станковиќ смета дека буџетот кој што е предложен е добар и ги задоволува сите критериуми.

-Сметам дека во тој поглед треба да го поддржите како Левица, бидејќи овој буџет предвидува зголемување на пензиите на пензионерите. Мислам дека тоа е во склоп со вашата политика и вашите заложби. Овој буџет предвидува и зголемување на платите, рече Станковиќ. 

Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Драгана Бојковска во реплика на Мециновиќ, рече дека фокусот на треба да биде насочен во зголемувањето на животниот стандард на граѓаните и се надоврза на воведувањето на прогресивното оданочување.

-СДСМ се обиде да направи обид во 2019 година за да се воведе прогресивното оданочување и треба да се прашувате зошто СДСМ го повлече прогресивното оданочување. Бидејќи, во истиот момент кога почна да се спроведува таа даночна реформа во државава се соочивме со ситуација да се префрлуваат сметките на даночните обврзници во странство, со тоа потенцијален ризик да ги изгубиме овие средства кои треба да се слеат во буџетот и самите тие средства кои би биле предвидени во овој буџет да ги немаме истите средства. Дополнително морам да истакнам дека во моментот кога беше поднесен овој прогресивен данок да стапи на сила ги опфаќаше 1,5 процент од граѓаните. Што значи тоа? Дека во Република Македонија под „најбогати“ спаѓаат 1,5 процент од граѓаните. Ние треба да се запрашаме со каков животен стандард се соочуваме во Македонија за прагот кој што беше првично од 60 илјади денари да биде за оние најбогатите, па подоцна да биде променет на 90 илјади денари. За мене е погубно и катастрофално да имаме ситуација во која само 1,5 процент во државава ќе кажеме дека имаме најбогати граѓани, рече Бојковска. фф/нд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан