• петок, 22 ноември 2024

Продолжи судењето за масовното убиство кај Младеновац со потресни сведочење на сведоците

Продолжи судењето за масовното убиство кај Младеновац со потресни сведочење на сведоците

Белград, 21 октомври 2024 (МИА) - Во Специјалниот суд во Белград денеска продолжи судењето на Урош Блажиќ, кој лани во мај уби девет млади и рани уште 12 во селата Мало Орашје и Дубона кај Младеновац, како и на и неговиот татко, јави дописникот на МИА од Белград.

На рочиштето присуствуваа бројни членови на семејствата и пријателите на загинатите и повредените во селата кај Младеновац, како и нивни претставници кои носеа црни маици на кои беше испишан датумот 4.5.2023 година со порака „Живеете“.

На претходните рочишта сведочеа повредените, и родителите на загинатите во масовното убиство и ранетите на 4 мај 2023 година, а денесka судењето продолжи со распит на сведоците, меѓу кои и Андријана Митровиќ, која беше ранета на 4 мај во Дубона.

Митровиќ изјави дека тогаш Урош Блажиќ го запрел автомобилот во близина на дворот и дека едeн од нејзините пријатели му рекол „Чекај, што правиш“, но Блажиќ, според неа, рекол „Рацете горе“ и потоа пукал рафално во нив. Таа рече дека почувствувала дека е погодена и дека паднала и се преправала дека е мртва, после што не се сеќава на ништо.

На прашањето на обвинителката дали се сеќава дека Блажиќ се вратил повторно да ги застрела пријателите, Митровиќ рече дека мисли да тој се вратил и поединечно пукал во нејзината другарка која врескала, и дека и неа уште еднаш ја застрелал во грб.

Сведочењето и на останатите сведоци, роднини, пријатели на убиените млади од Дубона и Орашје исто така беа потресни, тешки, во еден момент и на раб на инцидент кога сведокот Ј.М. на кого му се убиени двајцата браќа тргна накај обвинетите Урош и татко му со зборовите „Си воспитал монструм“, но беше спречен од обезбедувањето.

Денешното судење заврши и ќе продолжи во понеделник, 28 октомври.

Вишото јавно обвинителство во Смедерево го товари Урош Блажиќ за тешко убиство, а неговиот татко Радиша за недозволено држење и носење оружје и експлозивни материи. Обвинителството предложи казни од 20 години затвор за двајцата.

Законот предвидува Урош Блажиќ да не може да биде осуден на доживотен затвор, бидејќи во времето кога го извршил делото имал неполни 21 година. Затоа максималната казна на која може да биде осуден е 20 години.

Судењето започна во август 2024 година, а од безбедносни причини само физички беше преместено од Смедерево во судницата на Специјалниот суд во Белград, поради инцидентот што се случи во мај на самиот почеток на прелиминарното рочиште во Вишиот суд во Смедерево.

Урош Блажиќ на првото рочиште во август ја призна вината и изјави дека е подготвен да одговара за стореното. Радиша Блажиќ пред судот ја негираше вината и рече дека не знае од каде е пронајденото оружје во неговата куќа по масовното убиство на 4 мај. об/

фото: МИА архива

Остани поврзан