• петок, 22 ноември 2024

Пристигнаа евакуираните македонски граѓани од Израел

Пристигнаа евакуираните македонски граѓани од Израел

Скопје, 13 октомври 2023 (МИА) – Македонските државјани кои беа евакуирани од Израел пристигнаа денеска со бесплатен авионски превоз на Меѓународниот аеродром во Скопје.

Авионскиот превоз со чартер лет, на релација Тел Авив - Скопје, беше организиран согласно одлуката донесена од страна на Владата, заради евакуација на сите државјани на Република Северна Македонија кои сакаа да го напуштат Израел и кои побарале да се вратат во Северна Македонија.

Како што соопштија вчера од Владата, во услови на целосно откажани летови и блокиран авио-транспорт со Израел, предизвикот за организирање на овој чартер лет е надминат преку соработка со „Air Serbia“, а трошоците за летот ќе бидат покриени од Буџетот. 

Во насока на ефикасна организација на авионскиот превоз, Министерството за надворешни работи, преку Дипломатско-конзуларното претставништво - Тел Авив обезбеди список и информации за македонските државјани кои се наоѓаат во Израел и кои побарале помош да се вратат во Република Северна Македонија.

- Амбасадата во Тел Авив, од самиот почеток на кризата е во контакт со државјаните на Република Северна Македонија, а дел од граѓаните кои се затекнаа во Израел, веќе се вратени во земјата меѓу другото и со специјални летови на пријателските држави на Република Северна Македонија, се наведува во соопштението од Владата. 

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера на прес-конференција информира дека од Израел досега се вратени 60 македонски државјани, од вкупно 150 кои побарале помош, а за денеска, како што кажа, се очекува да бидат вратени уште 90 граѓани. ар/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан