• понеделник, 23 декември 2024

Прилеп ќе се задолжува со пет милиони евра преку општински обврзници

Прилеп ќе се задолжува со пет милиони евра преку општински обврзници

Прилеп, 20 март 2023 (МИА) - Прилеп сака да се задолжи со 5 милиони евра преку издавање општински обврзници. Во големата сала од локалната самоуправа денеска се спроведе јавна расправа на која градските власти понудија четири капитални проекти, три од инфраструктурата и еден за производство на елекрична енергија преку обновливи извори, со поставување фотоволтаици на училиштата.

Бранко Нешкоски, раководител на секторот урбанизам вели дека урбанистичките проекти се за развојот на градот, а производството на електрична енергија налагаат светските економски текови.

-Четирите проекти се капитални: кружен тек во градот во месноста Табана, целокупна инфраструктура  на улицата „Победа“ кај Типската населба, инфраструктурно уредување на влезот Прилеп- Македонски Брод и поставување фотоволтаични панели на сите основни и средни училишта. Првите три инфраструктурни проекти го означуваат развојот на Прилеп и граѓаните ќе добијат подобра инфраструктурна комуникација, а со фотоволтаичните панели, во склад со условите кои ги наметнува светското стопанство, обезбедуваме производство на електрична енергија и искористување на обновливите извори на енергија, рече Нешкоски.

Драги Ѕвездакоски, раководител на одделението за финанси вели дека се направени првичните пресметки, а Прилеп има капацитет да отплаќа и рати на каматата и да го плати главниот долг по 7 години. Годишната рата е од 240 000 евра на каматата и на крајот, по седум години е отплатата на главниот долг од 5 милиони евра. Ѕведакоски уверува дека Министерството за финанси ќе им даде зелено светло во овој втор обид за задолжување преку општински обврзници.

- Прилеп е една од петте најголеми општини во државава и има капацитет да ја отплати таа обврзница. Пред советот да ја донесе одлуката за задолжувањето, треба да се одржи јавна расправа на која сите заинтересирани фицички и правни лица ќе го дадат своето мислење во однос на предлог проектите кои ќе се финансираат од обврзницата. Мислиме дека Министерството за финансии нема да ни направи проблеми, зашто ние се задолжуваме со обврзницата во рамките на можностите на буџетот. Согласно Законот за финансирање на локалната самоуправа, општина Прилеп може да се задолжи во висина на остварените тековно-оперативни приходи на основниот буџет од претходната година. Инаку, тековно-оперативните приходи на основниот буџет за 2022 година остварени се во износ од 366 милиони денари и тоа е оној горен лимит со кој Општината може да се задолжи од 6 милиони евра. Ние не земаме 6, туку 5 милиони евра преку обврзницата. Финансирањето преку обврзници сметаме дека во наредните години ќе не релаксира да инвестираме во други капитални проекти, објаснува Ѕвездакоски.

Прилепскиот градоначалник Борче Јовчески смета дека задолжувањето е неопходно.

-Како општина, според извештајот на УНДП, сме една од 10-те најуспешни општини која правилно финансиски ги распределува средствата. Имаме огромни долгови затекнато од претходно и ги исплаќаме ратите. Станува збор за вкупен долг кој го исплаќаме од околу 70 милиони денари кој гдишно го исплаќаме. Имаме и проекти кои ги финансираме од буџетот. Овие се проекти кои чинат повеќе и вреди да се задолжиме. На ваков чекор влијаеше и енергетската криза, изјави Јовчески.

Обврзницата ќе се понуди на пазарот на хартии од вредност и се смета дека ќе има доволно заинтересирани од пензиски, инвестициски фондови, па и граѓани кои би биле заинтересирани и не се очекува проблем со продажбата на обврзниците. ем/сст/

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан