Прилепските обичаи околу Божик имаат свои обележја, а во основа е надежта
- Обичаите и традициите за Коледе, Бадник и Божик во Прилеп се одржуваат и се длабоко вкоренети во верувањата, убедувањата, а ја имаат симболиката на исчекувањето на големиот празник- Христовото раѓање Божик како голема надеж за семејствата.
Прилеп, 6 јануари 2026 (МИА) - Обичаите и традициите за Коледе, Бадник и Божик во Прилеп се одржуваат и се длабоко вкоренети во верувањата, убедувањата, а ја имаат симболиката на исчекувањето на големиот празник- Христовото раѓање Божик како голема надеж за семејствата.
Децата изутринава на Бадник коледареа, тропнаа на портите и вратите на прилепчани, ја испеаја коледарската песна и беа дарувани со костени, ореви, овошје и парички. Коледарската песна во Прилепско е различна од онаа што се пее во Скопско.- Коледарската песна е поинаква од она што се пее во Скопско. Стиховите се: Коледица, варварица и по неа Василица. Еднаш ми е во година, како цвеќе во градина. Коледе, коледе, дај ми бабо костенче. Како повозрасни уште од мали им ја пееме песната. Секое дете ја знае, како што сме ја научувале и ние како мали од нашите баби. Мило ми е што се одржува традицијата, оти таа е дел од нашето опстојување, од она македонското и обичајното што си го имаме со векови, објаснува Лилјана Ацеска од прилепското здружение „Преродба“ кое ги негува и ги пренесува обичаите на новите поколенија.

Се приготвува бадниковата посна вечера на која довечер треба да се собере семејството. Во Прилеп има и посебни обичаи, меѓу кои, се кани Бог на вечера, а трпезата не се раскрева до Божикното утро. Освен тоа, не се бара среќната паричка. Тоа се прави на Василица.
- Основата и во Прилеп и во другите места е бадниковата трпеза да е посна. Се поставува од сѐ по нешто: гравче, посни сармички, мазник со гравили приготвен со ориз, посни пити, тиква, костени, ореви, јаболка, а во поново време и урми, смокви, баклава. Најважно е семејството да биде заедно. Се вели: Пред Божик, зад Божик, кај и да си, дома да си. Паметам, ние како деца, а бевме многу, мајка ми во едно сито, или тепсија, ќе ставеше јадење и пред да вечераме, ќе излезе надвор да го покани Господ, да дојде на вечерата, да биде присутен. Секогаш да е во домот, да ги чува луѓето од лошо, куќата да има бериќет цела година. И, по вечерата, трпезата не се раскрева до Божикното утро. Само се покрива. Се, верува, може ќе дојде Господ, ќе посака да касне нешто, објаснува Ленче Спиркоска од прилепското здружение „Преродба“.

Етнологот Александар Цветкоски вели дека обичаите се многу жилави и опстојуваат низ вековите.
- Со мали различности во Регионите, основата и суштината на обичаите се исти. Без обичаите лушето не може да ги покажат ниту својата Вера, ниту своите убедувања. Тоа е стандардизирано однесување. Обичаите се жилави и не се менуваат толку лесно. Точно е дека примаат некои нови, надворешни елементи, нешто се губи, се заборава, но суштина останува иста. Во основа е надежта. Да се остави зад себе старото, да се прочистиме, да бидеме подобри луѓе. И повторното раѓање е приказната во основата на светот, објаснува етнологот Александар Цветкоски од прилепскиот Завод и музеј.ем/лв/
фото: МИА