• понеделник, 23 декември 2024

Признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во регионот

Признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во регионот

Скопје, 10 октомври 2023 (МИА) - Владата на денешната 190. седница го разгледа и прифати Извештајот за завршени преговори и склучување на Договорот за заемно признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во контекст на Централноевропскиот договор за слободна трговија. 

Како што соопшти владината прес-служба, членовите на Владата на седницата го прифатиле усогласениот текст на Договорот.

По успешно завршените преговори за склучување на Договорот за заемно признавање на професионалните квалификации за доктори, стоматолози и архитекти од минатогодишниот Самит на Берлинскиот процес, работните групи, како што се наведува, го продолжиле заокружувањето на Директивата на ЕУ 2005/36/ЕЗ за останатите четири регулирани професии.

- Договорот за заемно признавање на професионалните квалификации за медицински сестри, ветеринарни хирурзи, фармацевти и акушерки во контекст на Договорот за слободна трговска соработка на Централна Европа се заснова на принципот на автоматско признавање согласно Директивата на ЕУ 2005/36/ЕЗ за признавање на професионални квалификации и е во насока на постигнување успешна и целосна имплементација на одредбите за внатрешен пазар на ЕУ, во рамки на сите шест земји од Западен Балкан, се вели во соопштението. 

Дел од иницијативата за формирање на Регионален Економски Пазар 2021-2024, согласно заклучоците од Самитот на лидерите на Западен Балкан е, како што се наведува, во рамки на Берлинскиот процес во Софија (2020 година). мд/бак/

Фото: МИА архива 
 

Остани поврзан