• понеделник, 23 декември 2024

Привршува откупот на костените во Дебарско, одгледувачите задоволни од откупната цена

Привршува откупот на костените во Дебарско, одгледувачите задоволни од откупната цена

Дебар, 14 ноември 2023 (МИА) - Привршува откупот на познатиот, по квалитет, дебарски костен, кого го одгледуваат над 200 семејства, кои велат дека се задоволни од заработката.

- Родот кај костените годинава беше помал за околу 20 отсто споредено со минатата година, но се со многу подобар квалитет. Костенот во Дебарско е засаден на околу 250 хектари, а собрани беа над 200 тони. Над 200 семејства од овој регион се занимаваат со производство на костени и како што велат ова јаткасто овошје носи добра заработувачка, изјави за МИА, Арбен Муладаути, раководител на Подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Тој додава дека и понатаму организиран откуп на костени нема, но и покрај тоа откупот е при крај. Посочува дека тој е многу баран бидејќи експертите од нашата земја велат дека е органски и се карактеризира со посебна арома и има ниво на шеќер што всушност одговара на барањата на европскиот пазар, каде ќе завршат дел од костените.

- Годинава и јас брат ми имавме по нешто повеќе од две илјади килограми. Откупната цена се движеше од 60 до 100 денари за килограм. Задоволни сме од заработката, која поединечно е по околу 2.300 евра. Имаме оставено помала количина која ќе ја пласираме на дебарскиот пазар, каде цената на мало се движи и до 200 денари, вели Дилавер Дема, кој костенови насади има во селото Бомово.

Во поширкиот дебарски регион најмногу насади со костен има во пограничните села, Џепиште, Отишани, Селокуќи, Коњаре и Бомово, како и во атарите на селото Горенци, општина Центар Жупа и долнореканското село Скудриње. вт/цр

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан