• петок, 22 ноември 2024

Приватните специјализанти очекуваат новиот министер веднаш по назначувањето да ги повика на разговори

Приватните специјализанти очекуваат новиот министер веднаш по назначувањето да ги повика на разговори

Скопје, 14 мај 2024 (МИА) - Приватните специјализанти и денеска ја искористија паузата за да се соберат пред интерните клиники на Клиничкиот центар во Скопје и да побараат повисоки плати, здравствено и пензиско осигурување. Очекуваат новиот министер за здравство, веднаш по назначувањето, да ги повика во Кабинетот и да ги реализира нивните барања.

- Во исчекување на формирањето на новата влада и назначувањето нов министер за здравство, приватните специјализанти уште еден вторник, својата пауза ја искористија за собир пред интерните клиники со цел да покажеме дека сме тука, постоиме, сѐ уште работиме за плата од 26.000 денари, без здравствено и пензиско осигурување. Очекуваме новиот министер, веднаш штом ќе влезе во својот кабинет, да нѐ повика на средба, да ги оствари нашите барања, односно да го покачи месечниот надоместок што моментално изнесува 26.000 денари да биде на ниво на просечна плата во јавна здравствена установа и да ни обезбеди здравствено осигурување. Паралелно на тоа, да започне и процес, со што ќе се донесат правни и законски решенија за сите ние, приватните специјализанти, да бидеме трансформирани во јавното здравство, со што би имале и соодветно пензиско осигурување, изјави доктор Христина Илиоска Чешлароска, приватен специјализант по интерна медицина.

Според неа, приватните специјализанти имаат поддршка од повозрасните колеги - специјалисти. Некои од нив, како што посочи, ја искажале поддршката и преку видео пораки. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан