• среда, 18 декември 2024

Претседателката Санду ја обвини Русија дека се меша во внатрешните работи на Молдавија пред локалните избори во Гагузија

Претседателката Санду ја обвини Русија дека се меша во внатрешните работи на Молдавија пред локалните избори во Гагузија

Кишињев, 27 април 2023 (МИА) - Молдавската претседателка Маја Санду денеска ја обвини Русија за мешање во внатрешните работи на земјата, имајќи ги предвид локалните избори закажани за овој викенд во полуавтономната област Гагаузија, на кои таа рече дека многу од кандидатите се руски агенти, пренесуваат британските медиуми.

Молдавија неделава не дозволи делегација од руските региони да ја посети Гагаузија, каде што в недела жителите ќе го изберат шефот на локалната администрација.

Делегацијата беше предводена од Рустам Миниханов, гувернер на руската република Татарстан, кој кажа дека е жално што му била одбиена посета на главниот град на Молдавија, Кишињев.

-Сведоци сме на отворено мешање во внатрешните работи, тој (Рустам Миниханов) отиде во Гагаузија за да поддржи еден од кандидатите на изборите, рече Санду во телевизиска изјава и додаде дека „за жал, многу од кандидатите на овие избори се руски агенти, а не политичари кои сакаат да работат за доброто на луѓето од Гагаузија“.

Москва негира дека се меша во внатрешните работи на Молдавија. Засега Русија не одговори на обвинувањата на Санду против некои од кандидатите на изборите во Гагаузија.

Москва пред два дена соопшти дека протерува молдавски дипломат како одмазда за протерувањето на руски дипломат од Молдавија минатата недела. сд/

Остани поврзан