Претседателката на Врховен, Беса Адеми, се вклучи во работата на Судски совет
- Претседателката а Врховен суд, Беса Адеми, денеска се вклучи во работата на Судски совет со нејзиното присуство и учество на 472 седница.
Скопје, 11 јануари 2024 (МИА) – Претседателката на Врховен суд, Беса Адеми, денеска се вклучи во работата на Судски совет со нејзиното присуство и учество на 472 седница.
Ова следува по јавната седница што се одржа на крајот од изминатиот месец, кога Судскиот совет одржа расправа за иницијативата поднесена од членот на Советот, Миљазим Мустафа, за утврдување одговорност на претседателката на Врховниот суд, Адеми.
По однос на расправата за двете точки од иницијативата, за непојавувањето на седници на Судскиот совет на Адеми без да даде соодветни докази, како и интервјуто во кое зборува за политички притисоци, беше посочено дека со неприсуството на седниците на Судскиот совет таа покажала професионална и правна некултура во постапувањето и почитување на институциите во рамки на правосудниот систем. Според Адеми, пак, сите случувања во Судскиот совет биле демотивирачки од професионален аспект.
На расправата, Мустафа побара одлука со која ќе се утврди нејзина одговорност и разрешување. Од друга страна, одбраната на претседателката на Врховниот суд ги оцени наводите како неосновани и побара одлука со која постапката ќе запре.
Комисијата која ја разгледуваше иницијативата на 29 декември треба во рок од 15 дена да го изготви извештајот за утврдената фактичка состојба и да го достави до сите членови на Судскиот совет, по што Советот на седница ќе расправа и ќе донесе одлука. ар/аа/
Фото:МИА