• среда, 20 ноември 2024

Прес конференција со Димитар Грбевски лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“

Прес конференција со Димитар Грбевски лауреат на ИФФК „Браќа Манаки“

Битола, 22 септември 2024 (МИА) - ИФФК „Браќа Манаки“ приреди посебна прес конференција за македонскиот филмски и телевизиски монтажер Димитар Грбевски, годинашен добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Според Грбевски, наградата што му ја додели Друштвото на филмските работници на Македонија, како потврда за неговиот исклучителен придонес во македонската кинематографија е големо признание.

-Да, оваа награда за мене е големо признание за мојот труд што сум го вложил во создавањето на филмови и што сум станал дел од македонската кинематографија. Јас и денес сум активен. Работам со студентите, најголем дел завршиле со студиите но и понатаму ме консултираат за филмовите што денеска ги подготвуваат. Многу генерации завршија филмска монтажа, дел од нив се надвор од Македонија, но постојано комуницираме, истакна Грбевски.

Димитар Грбевски учествувал во повеќе од 30 филмови, во 1981 година ја освои Повелбата за долгогодишен придонес на Фестивалот на југословенски документарен и краток филм во Белград, а добитник е и на наградата „Златен објекти“ што ја доделува Кинотека на Македонија.

Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ е востановена во 2013 година. мт/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан