• вторник, 05 ноември 2024

Пресуди на Судот на ЕУ против Унгарија и Полска

Пресуди на Судот на ЕУ против Унгарија и Полска

Брисел, 16 ноември 2021 (МИА) - Судот на ЕУ денеска пресуди дека Унгарија го крши европскиот закон за правилата за азил и против Полска поради можна политичка контрола врз одлуките на судиите.

Судот утврди дека унгарскиот закон кој пропишува дека барањето за азил е недозволиво доколку барателот на азил доаѓа од трета земја која се смета за безбедна не е во согласност со европското право.

Судот, исто така, пресуди дека унгарскиот закон, кој ги криминализира активностите за помош на луѓето да аплицираат за азил, исто така, е во спротивност со европското право. Законот е дел од пакетот, колоквијално наречен „Стоп Сорос“ во Унгарија, според кој поединци или организации кои им помагаат на потенцијалните баратели на азил да аплицираат може да бидат кривично гонети. Унгарската влада со години го обвинува Џорџ Сорос дека им помага на мигрантите да влезат во ЕУ.

„Судот оцени дека Унгарија ги прекршила своите обврски од Директивата за процедури дозволувајќи барањето за меѓународна заштита да биде одбиено како недозволиво бидејќи нејзиниот апликант пристигнал на нејзината територија преку држава во која не бил изложен на прогон или закана од сериозна штета или во која му се обезбедува доволно ниво на заштита. Имено, Директивата за процедури исцрпно ги наведува ситуациите во кои земјите-членки може да сметаат дека барањето за меѓународна заштита е недозволиво. Сепак, основата за недопустливост предвидена во унгарското законодавство не одговара на ниту една од овие ситуации“, се вели во соопштението на Судот.

Судот, исто така, пресуди дека „Унгарија ги прекршила своите обврски според Директивата за процедури и Директивата за прифаќање со тоа што во своето национално право го криминализира однесувањето на секое лице кое, како дел од организациска активност, помага во изразувањето намера да поднесе барање за азил на нејзината територија, каде што е можно да се докаже, надвор од какво било разумно сомневање, дека тоа лице било свесно за фактот дека тоа барање нема да може да се прифати според тоа право“.

Во однос на Полска, Судот утврди дека се противи на правото на Унијата системот што е на сила со кој се овозможува министерот за правда да испраќа судии на работа во казнени судови од повисок степен, а да ток министер кој истовремено е и главен државен правобранител, може тоа упатување во секој момент да го прекине без образложение.

„Почитувањето на барањата за независност бара особено правилата за упатување на судии да ги обезбедат потребните гаранции за да се избегне каква било опасност од користењето на тоа упатување како средство за политичка контрола врз содржината на судските одлуки. Во оваа насока, Судот укажува дека, иако фактот што министерот за правда може да именува судии само со нивна согласност е важна процедурална гаранција, постојат низа елементи кои, според упатениот суд, му дозволуваат на министерот за правда да се влијае на тие судии и кои можат да предизвикаат сомнежи за нивната независност“, се вели во соопштението на судот.

Судот додава дека овој систем „може да доведе до заклучок дека министерот за правда има, врз основа на непознати критериуми, овластување да упатува судии до повисоките судови и да го прекине нивното упатување без да мора да дава причини за таа одлука, со ефектот дека овие судии добиваат инструкции, не уживаат гаранции или независност, што инаку би требало да ги ужива секој судија во правна држава. Таквиот орган не може да се смета за компатибилен со обврската за почитување на барањата за независност“.

Остани поврзан