Препораки од 23-ти состанок на Мешовитиот парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија
- Ги повикува владите на Северна Македонија и на соседните земји да работат конструктивно заедно за да ги отстранат преостанатите пречки за продолжување со пристапните преговори, истовремено повторувајќи дека билатералните прашања мора да се држат одвоени од процесот на пристапување;

Скопје, 28 февруари 2025
Мешовитиот парламентарен комитет го одржа својот 23-ти состанок во Скопје на 27 и 28 февруари 2025 година под заедничко претседавање на г. Карло РЕСЛЕР (ЕПП, Хрватска) и г-ѓа Иванка ВАСИЛЕВСКА (ВМРО-ДПМНЕ, Северна Македонија).
На оваа седница Комитетот оствари размена на мислења со:
Тимчо МУЦУНСКИ, министер за надворешни работи и надворешна трговија и
Орхан МУРТЕЗАНИ, министер за европски прашања, во име на Владата на
Северна Македонија
Мариуш БРИМОРА, Амбасадор на Полска во Северна Македонија, во име на
Полското претседателство со Советот на ЕУ
Михалис РОКАС, Амбасадор и шеф на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, во име на Европската комисија и на Европската служба за надворешна акција
Мешовитиот парламентарен комитет размени мислења за односите меѓу Европската Унија и Северна Македонија за фундаменталните права и слободата на говор, владеењето на правото и борбата против корупцијата, добрососедските односи, регионалната соработка и регионалната безбедност, медиумите и граѓанското општество, прашањата за животната средина, економијата и енергетиката, транспортната и инфраструктурната поврзаност и вештачката интелигенција и сајбер безбедноста.
Мешовитиот парламентарен комитет, во согласност со Правилото 3 од својот Деловник, ги упатува следниве препораки до институциите на Северна Македонија и Европската Унија:
Имајќи ги предвид:
А. Заклучоците на Советот од 26 јуни 2018 година за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација, од 25 март 2020 година за процесот на стабилизација и асоцијација, од 14 декември 2021 година за процесот на проширување и стабилизација и асоцијација, од 24 јуни 2022 година заклучоците на Советот за проширување – Северна Македонија и Албанија, од 18 јули 2022 година за одобрување на Преговарачката рамка со Северна Македонија и одржувањето на Меѓувладината конференција од 19 јули 2022 година;
Б. Заклучоците на Советот за Процесот на проширување од 17 декември 2024 година;
В. Декларацијата од Гранада на Европскиот совет од 6 октомври 2023 година;
Г. Комуникацијата за новиот план за раст за Западен Балкан (COM (2023) 691 финален) и
Регулативата на ЕУ 2024/1449 на Европскиот парламент и на Советот од 14 мај 2024 година
за основање на Инструментот за реформа и раст за Западен Балкан;
Д. Стратешката агенда на ЕУ 2024-2029 од јуни 2024 година;
Ѓ. Заклучоците на Претседавачот од Самитот за Берлинскиот процес со претставници од Западен Балкан и земји на ЕУ од 14 октомври 2024 година;
Е. Шеснаесеттиот состанок на Советот за стабилизација и асоцијација, одржан за првпат во Скопје на 17 март 2023 година;
Ж. Резолуциите на Европскиот парламент од 19 мај 2022 година за 2021 година по Извештајот на Комисијата (2021/2248(INI)) и од 24 октомври 2019 година за отворање на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија (2019/2883(RSP));
З. Препораките од 22-от состанок на Мешовитиот парламентарен комитет од 22 до 23 ноември 2023 година во Стразбур;
1.Силно ја поддржува реафирмацијата на Советот на неговата посветеност на проширувањето, во согласност со обновениот консензус одобрен на состанокот во декември 2006 година, последователните заклучоци на Советот и Европскиот совет, како и Стратешката агенда на ЕУ 2024-2029 година и на потребата, во рамките на политичките критериуми од Копенхаген, за фер и стриктна условеност, принципот на заслуги и реверзибилност;
2.Целосно се согласува со ставот на Советот да се осигура дека ЕУ може да го задржи и продлабочи сопствениот развој, вклучувајќи го и капацитетот да интегрира нови членки; ја поздравува новата динамика во процесот на проширување како стратешки приоритет на Унијата; цврсто верува дека проширувањето е двигател на просперитет и безбедност, унапредување на демократските општества и економските и социјалните услови, и за намалување на разликите меѓу земјите; потенцира дека брзите промени во геополитичките предизвици создадоа нов поттик за процесот на пристапување;
3.Позитивно ги оценува средствата од 6 милијарди евра за реформи и раст за Западен Балкан, како поткрепа на Планот за реформи и раст на Комисијата, како пресвртник и уникатна можност за земјите да пристапат до некои придобивки од членството во ЕУ пред пристапувањето; во овој поглед, ја поддржува и посветеноста на Советот за приближување на партнерите до ЕУ преку понатамошно унапредување на постепената интеграција и важноста за земјите целосно да ги користат постојните правни инструменти за да постигнат напредок; потсетува дека ова не е алтернатива за полноправно членство и поддржува процесот да се заврши, како заради важноста од геостратешка гледна точка, така и заради одржување на кредибилитетот меѓу земјите кандидати и потенцијалните кандидати;
4. Ја поздравува стратешката ориентација на Северна Македонија кон интеграцијата во ЕУ што го одразува консензусот меѓу политичките партии и поддршката меѓу граѓаните; повикува на натамошен внатрешен дијалог меѓу сите засегнати страни, да се задржи фокусот на оваа стратешка цел; повторува дека секоја земја треба да се оценува според сопствените достигнувања и дека процесот на пристапување не треба да се злоупотребува за решавање на билатералните спорови; особено во овој критичен геополитички момент;
5. Го потврдува нивото на подготовка на Северна Македонија во клучните области и континуитетот на посветеноста, и покрај предизвиците за забрзување на спроведувањето на реформите поврзани со ЕУ, особено во областите на фундаменталните вредности,владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, основните права, слободата на медиумите и слободата на изразување, ефективни демократски механизми и институции, почитување на владеењето на правото и човековите права, вклучително и правата на лицата кои припаѓаат на сите малцинства и ранливи групи и нивната социјална и економска инклузивност, истовремено нотирајќи за приоритетната потреба за осврнување на преостанатите недостатоци во фундаменталните вредности; ја нагласува важноста на политичката одговорност на сите нивоа на управување за да се зајакне довербата во институциите; го поздравува усогласувањето на земјата со законодавството на ЕУ од околу 50% како важна пресвртница постигната низ годините и значаен показател за можноста од полноправно членство до 2030 година, под услов да се исполнат сите неопходни критериуми; jа нагласува потребата Северна Македонија да го заштити институционалниот интегритет и да ги поддржува демократските принципи, особено во контекст на зголемените обиди за дестабилизација низ Европа;
6. Ги охрабрува напорите за преземање одлучни чекори за забрзување на спроведувањето на ЕУ реформите и за напредок во преговарачкиот процес за пристапување во ЕУ, за кои од витално значење е меѓупартиската парламентарна соработка; ги повикува релевантните засегнати страни да го искористат сегашниот моментум на процесот на проширување, работејќи конструктивно и во духот на консензус на реформите поврзани со ЕУ; го поздравува продолжувањето на активностите за демократска поддршка меѓу Собрание и Европскиот парламент (ЕП) преку Координативната група за демократска поддршка и избори (ДЕГ) и соодветно го нотира напредокот постигнат во овој процес;
7. Подвлекува дека земјата продолжува да дава драгоцен придонес кон регионалната соработка и стабилност во регионот со својот ангажман во регионалните иницијативи, нагласувајќи ја важноста од нивната инклузивност; ја пофалува и посветеноста на земјата за негување добрососедски односи и нејзината улога како модел за мирно решавање на билатералните спорови преку дијалог и меѓусебно разбирање; во таа смисла, потсетува дека билатералните договори треба да се спроведуваат со добра волја од сите страни; вклучувајќи го Договорот од Преспа со Грција и Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија како суштински за инклузивна регионална соработка и добрососедски односи; повикува на доследна посветеност на дијалог и соработка со соседните земји за да се поттикне меѓусебната доверба;
8. Го забележува стабилното и целосно усогласување на Северна Македонија со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и во врска со руската воена агресија против Украина, испраќајќи силен сигнал за нејзиниот стратешки избор за членство во ЕУ и покажувајќи се уште еднаш како доверлив партнер; го поздравува континуираниот придонес на Северна Македонија во мисиите на ЕУ за управување со кризи и операциите предводени од НАТО; во овој контекст, потсетува на активната улога на земјата во сложен геополитички контекст, за време на нејзиниот мандат како претседавач со Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во 2023 година;
9. Ги охрабрува сите политички чинители да продолжат со спроведувањето на претходно преземените обврски, потсетувајќи дека актуелно процесот е целосно зависен од владата и собранието, и ги поддржува тековните напори за донесување на уставните измени како финален предуслов за отворање на преговори; повикува на дополнителни насоки и обезбедување транспарентност во однос на идните чекори за пристапување за да се одржи моментумот; ги повикува и институционалните чинители да ја заштитат предвидливоста и кредибилитетот на процесот на пристапување и гаранции дека тој ќе продолжи строго според моментално постоечките заклучоци на Советот, според критериумите од Копенхаген, сопствените заслуги на земјата и негувањето на добрососедските односи;
10. Го поздравува успешното финализирање на процесот на скрининг за Северна Македонија на крајот на 2023 година; повикува на влегување во следната фаза од преговорите без понатамошно одлагање;
11. Ги повикува владите на Северна Македонија и на соседните земји да работат конструктивно заедно за да ги отстранат преостанатите пречки за продолжување со пристапните преговори, истовремено повторувајќи дека билатералните прашања мора да се држат одвоени од процесот на пристапување;
12. Жали за неоправданите одложувања во процесот на пристапување на Северна Македонија и потсетува дека земјите-кандидати треба да се оценуваат врз основа на нивните сопствени заслуги во исполнувањето на објективните критериуми за пристапување, вклучително и нивното спроведување на реформите поврзани со ЕУ и усогласувањето на нивната политика со ЗНБП, како што се позициите и рестриктивните мерки усвоени како одговор на руската агресивна војна против Украина;
13. Ги пофалува сите актери за нивните напори да постигнат конзенсус во усвојувањето на Деловникот на Собранието на Северна Македонија, потпомогнат од ЕП во рамки на Дијалогот Жан Моне, за зајакнување на Собранието и испорачување кон граѓаните; во тој контекст, бара од сите партии претставени во Собранието да продолжат да работат конструктивно во духот на конзензусот за реформите поврзани со ЕУ;
14. Ги поздравува тековните напрои за реформа на јавната администрација и напорите за усвојување на потребното законодавство, по завршувањето на потребниот процес на јавна консултација; ги поздравува веќе усвоените реформи кои придонесуваат за одговорност, воведување проценки на влијанието при создавање на нови државни органи и намалување на бројот на примарни буџетски корисници;
15. Ја нагласува огромната важност од понатамошно продолжување со реформата на судството и зајакнување на правната основа за независен, професионален, транспарентен и непристрасен систем, со што ќе се зголеми неговиот кредибилитет и доверба во јавноста, во согласност со договорените реформи на ЕУ, вклучително и во судските назначувања и функционирањето на Судскиот совет; ги повикува сите релевантни чинители целосно да ја
почитуваат независноста на судството; ја повикува Северна Македонија да ги забрза судските реформи кои обезбедуваат целосно усогласување со европските стандарди и ја заштитуваат судската независност од политичко мешање; ја нагласува потребата од експертска евалуација за да се осигура дека овие реформи ќе произведат трајни структурни промени наместо површни законски прилагодувања; ги поздравува напорите за завршување на истрагите, гонењето и конечните пресуди во случаите на корупција, вклучително и на високо ниво; го поздравува усвојувањето на новата Стратегија за реформи во правосудството (2024-2028) и патоказот за поглавје 23; ги охрабрува властите да доделат доволно ресурси за судството и борбата против корупцијата; ги охрабрува властите да се осврнат на преостанатите препораки на Групата држави против корупција на Советот на Европа (ГРЕКО); ја повикува Северна Македонија да донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди; ја нотира улогата на Државната комисија за спречување на корупцијата во обезбедувањето насоки за јавните институции за антикорупциските политики; ги забележува стратешките документи и правната рамка за борба против корупцијата и поттикнува нивно подобрување, како во однос на превентивните мерки, така и во однос на спроведувањето на законот;
16. Потсетува дека Северна Македонија е позитивен пример за успешно меѓуетничко општество, со институции посветени на негување хармонични меѓуетнички односи и соработка меѓу заедниците; го поздравува спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, кој се покажа како камен-темелник на стабилноста во земјата повеќе од две децении и на другите напори за унапредување на политичка, економска и социјална инклузија и правата на сите етнички заедници; го поздравува спроведувањето на Кривичниот законик усогласен со Конвенцијата на Советот на Европа за превенција и борба против насилството врз жените и семејното насилство;
17. Ги нотира преземените заложби за осигурување погодна средина за делување на граѓанското општество, вклучително и напорите за ре-активирање на Советот за соработка меѓу Владата и граѓанското општество, и можноста за информирање и учество во Националниот совет за интеграција во ЕУ и Советот за отворено владино партнерство; ја повикува владата дополнително да ја зајакне улогата на граѓанските организации како клучни партнери во напорите за демократски реформи, обезбедувајќи нивно континуирано суштинско вклучување во процесот на донесување одлуки;
18. Го охрабрува продолжувањето на претстојната изборна реформа, која треба да се спроведе на транспарентен и инклузивен начин и да ги адресира сите релевантни препораки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), Канцеларијата за демократски институции и човекови права и Венецијанската комисија, вклучително и за транспарентност во финансирањето на политичките партии и имплементација на препораките на ОБСЕ/ОДИХР во однос на Изборниот законик;
19. Го поздравува постојаниот напредок на Северна Македонија во обезбедувањето на медиумските слободи, што е потврдено со поместувањето за 54 места во годишните извештаи на Репортери без граници во изминатите две години, што ја става земјата на 36-то место од 180 земји; нагласува дека постепеното подобрување обезбедува здрава основа за унапредување на професионалните стандарди; го нотира значителното ширење на
дезинформации што придонесува за опаѓање на довербата на општеството во медиумите и ги изложува независните медиуми на закани и напади; го поздравува усвојувањето на законодавството со цел да се зголеми заштитата на новинарите во извршувањето на нивните професионални должности, како и назначувањето на обвинител кој ќе ја следи постапката како одговор на нападите врз новинарите;
20. Ја признава тековната помош на ЕУ за спроведување на реформите поврзани со пристапувањето, особено преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА) и актуелниот Инструмент за раст за Западен Балкан како главни извори на финансирање; ја поздравува особено усвоената реформска агенда 2024-2027 од страна на Владата и усвоената легислатива што овозможува спроведување на договорот за грант; повикува на усвојување на потребните правни инструменти за да се овозможи негова целосна имплементација што е можно поскоро; нагласува дека ефективноста на финансиската
поддршка на ЕУ зависи од спроведувањето на силни мерки за надзор и одговорност;
21. Ги поддржува напорите на Владата за промовирање на инвестиции за постигнување енергетска ефикасност; укажува на потребата од натамошно транспонирање и спроведување на законодавството за електрична интеграција и забрзување на транзицијата кон зелена енергија и намалување на зависноста од гас и јаглен; го забележува напредокот постигнат во однос на обновливите извори на енергија, со инвестиции во соларни централи, како и напредокот во областа на управувањето со отпадот, со усвојување на закон за проширување на одговорноста на производителот;
22. Заклучува дека земјата треба да ги удвои напорите за да постигне опиплив напредок во областа на законодавството за животна средина, особено во однос на загадувањето на воздухот, загадувањето на водните ресурси и операционализација на системот за регионално управување со отпад; и да се забрза фер, инклузивна и одржлива зелена транзиција во согласност со Зелената агенда од 2020 година и Парискиот договор; ја нагласува потребата да се реши проблемот со недостигот на специјализиран кадар и слабиот институционален и административен капацитет, што ја поткопува контролата на квалитетот и соодветното извршување на оценките на влијанието врз животната средина;
23. Ги пофалува тековните владини напори за постигнување напредок во подобрувањето на патната и железничката мрежа и транспортните Коридори X и VIII, и спроведувањето на проектите во рамките на мрежата TEN-T за пат и железница, со цел за комплетирање на мрежата и осигурување нејзино соодветно функционирање во рамките на утврдениата временска рамка, за унапредување на транспортот меѓу соседните земји и целата ЕУ, вклучително и преку зголемување на бројот на гранични премини согласно можностите; ja подвлекува важноста од подготовка на акционен план како прилог кон националната транспортна стратегија 2018-2030 година;
24. Го поздравува усвојувањето на Националната стратегија за сајбер безбедност 2025–2028 година, како стратешки патоказ за зајакнување на отпорноста и безбедноста на земјата во сајбер-просторот; стратегијата означува пресвртница во напорите на земјата да ја заштити својата дигитална инфраструктура и да изгради побезбедно, посигурно општество, после континуирано соочување со сајбер напади, хибридни закани, закани со бомби и кампањи за
дезинформации; ги поздравува напорите на министерствата за внатрешни работи и дигитална трансформација за борба против хибридните закани и подобрување на институционалната дигитализација; ја нагласува итната потреба од координиран и стратешки пристап, со цел да се изгради безбеден, флексибилен, одржлив и инклузивен дигитален екосистем кој го поддржува економскиот раст, ги штити правата на граѓаните и ја поттикнува довербата во дигиталните технологии.
Мешовит парламентарен комитет ЕУ – Северна Македонија
__________________________________________________________
МИА овие текстови ги објавува во интегрална и оригинална форма и не е одговорна за нивната содржина, ниту за евентуалните правописни недоследности или печатни грешки.
Фото: МИА Архива